Во издание на Македонска академија на науките и уметностите излезе од печат Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти каде што се поместени 50 дијалектни карти и легенди кои ја покриваат македонската дијалектна територија претставена во мрежата на населени пунктови во рамките на Општословенскиот лингвистички атлас – ОЛА.

„Со овој меѓународен проект, првпат во историјата на словенската лингвистика, според единствена програма и единствена транскрипција, се истражуваат сите словенски јазици и нивните дијалекти на огромна територија која тие ја зафаќаат на европскиот континент“, велат од МАНУ.

Оттаму се надеваат дека овој Атлас ќе го најде своето место не само кај научната, туку и кај пошироката читателска публика и ќе придонесе за расветлување на некои процеси во развојот на лексиката на македонските дијалекти.

„Целта на овој Атлас е да го прикаже лексичкото богатство и разнообразност на македонските дијалекти и да одреди во колкава мера тие се надоврзуваат на словенскиот јазичен континуум“, потенцираат од академијата.

Oпштословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) е еден од проектите на Меѓународниот комитет на славистите и има меѓународен, мултилатерален карактер, а во него се застапени 13 национални академии на науки и/или соодветни институти од сите словенски земји. Во атласите на ОЛА се картографираат резултатите од 3.454 дијалектни прашања собирани во преку 850 населени места на целата словенска јазична територија при што македонската јазична територија е застапена со 24 населени места.