Манипулација за минимизирање на украинските жртви од руската агресија

Убивањето невини деца како во Украина, така и во Палестина, е жалосно и трагично и тоа не може да биде предмет за споредби и потценувања

-

Објавата прави манипулација, изнесувајќи погрешни информации со цел да се занемари руската агресија во Украина и украинските цивилни жртви. Уште пострашно е што се прави некаква споредба со загинати деца и што се прави обид за минимизирање на детските жртви во Украина, пишувајќи со потценување дека во Мариупол загинало само едно дете кое било сирак. Убивањето невини деца како во Украина, така и во Палестина е жалосно и трагично и тоа не може да биде предмет за споредби и потценувања, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која шири лаги и манипулации во врска со војната во Украина, правејќи неоснована паралела со војната во Газа и тврдејќи дека светските медиуми на известувале за палестинските жртви.

Не знам дали знаете дека под урнатините во Газа има живи закопани некаде околу 10.000 цивили, жени и деца…Пиштат, вриштат, ранети и раскинати од гранатите.
Никој не може да им пријде, зошто гранатирањата и бомбардирањата продолжуваат.
Ова го нема на хорор филм, Но го нема на ниту едни вести, инфо, портал. Било европски било американски. Чисто споредбено сакав да видам како е односот со Мариупол…За кој се дигна толкава фама и паника. Тоа беше прикажувано како најголемиот масакар после втора светска војна.
Во Мариупол загинале 4 цивили, од кои двајца помагачи на батаљонот Азов (сопруга и брат ) и само едно дете, кое било дете без родители, избегано од дом за сираци. За време од 90 дена опсежни воени дејствија. Во Газа за 8 дена има пронајдено 11.000 трупови на цивили, околу 4000 деца под 10 год.
Но ова нема да го најдете никаде на вестите!, стои меѓу другото во објавата.

Прво, објавата тврди дека за жртвите во Газа немало информации во ниту едни вести и портали, било европски, било американски. Ова е апсолутна дезинформација. Светските, а и домашните медиуми редовно информираат за случувањата во Газа, како за жртвите, така и за хуманитарната и здравствената криза со која се соочуваат Палестинците. Доволно е само да се отворат веб-страниците на некои од нив и да се забележи тоа.

Така, на пример, доколку отидете на веб-страницата на Би-Би-Си, ќе видите дека таа е преплавена, како со вести, така и со репортажи од Газа. Меѓу мноштвото текстови, ќе најдете репортажа насловена „Војна Израел-Газа: Бруталното влијание врз децата на Газа“ или „Автомобили се тркаат кон болницата во Газа со повредени деца“. Во ова видео со чувствителна содржина ќе го погледнете страдањето, како на децата така и на родителите.

Слично е и кај Си-Ен-Ен, кој, исто така, постојано известува за случувањата во Газа. Во текстот „Да се биде мајка во Газа е прашање на живот и смрт“ е опишан животот на мајките, децата, но и бремените жени за време на израелската инвазија. Во едно видео, Нада Башир од Си-Ен-Ен известува за влијанието на израелската опсада и бомбардирањето на Газа, бидејќи сè поголем број деца се убиени или раселени.

Еј-би-си њуз има посебна рубрика „Израел-Хамас“ во која во живо можете да ги следите вестите за војната и жртвите во Газа. И тука може да се најдат видеа од уништената Газа и од извлекувањето жртви од под урнатините.

Од час во час настаните во Газа ги следи и Франс24.  Во едно од многуте видеа на Јутјуб, Франс24 известува за „ужасната мака на децата под опсада на Блискиот Исток во услови на брутална војна меѓу Израел и Хамас“.

Според тоа, не може да се каже дека вести за жртвите во Газа не можат да се најдат во светските американски и европски медиуми.

Што се однесува до вториот дел од објавата во која се зборува за војната во Украина, тој е доста манипулативен. Тука се прави споредба меѓу бројот на жртви во Мариупол и Газа, па објавата вели дека за Мариупол се кренала „голема фама и паника“ и ситуацијата во него била прикажувана како „најголемиот масакар после втора светска војна“, иако во овој украински град „загинале само четири цивили, од кои двајца помагачи на батаљонот Азов (сопруга и брат ) и само едно дете, кое било дете без родители, избегано од дом за сираци“. Ова не е точно и може лесно да се провери.

Вистиномер веќе пишуваше за најголемите руски напади врз населени центри во Украина, кои однесоа голем број цивилни жртви. Што се однесува до Мариупол, како што пренесува Ал Џезира, градот бил отсечен и ставен под опсада, а украинските власти проценуваат дека во бруталните месеци што следеле биле убиени околу 25.000 цивили. Најмалку 95 отсто од Мариупол бил уништен. Слични информации може да се најдат и на Википедија.

За време на руската опсада, Црвениот крст ја опиша ситуацијата во Мариупол како „апокалиптична“, додека украинските власти ја обвинија Русија дека предизвикала голема хуманитарна криза во градот. Украинските власти објавија дека околу 25.000 цивили биле убиени и дека најмалку 95% од градот бил уништен за време на борбите, пред сè, од големите руски бомбардирања. Во официјалното соопштение Обединетите нации ја потврдија смртта на 1.348 цивили во Мариупол, но предупредија дека вистинскиот биланс на загинати е веројатно илјадници поголем, истовремено известувајќи дека 90% од станбените згради во градот биле оштетени или целосно уништени, пишува на Википедија.

Според тоа, повеќе од сигурно е дека во Мариупол не загинале само 4 цивили, како што тврди објавата.  Градскиот совет на Мариупол објави списоци на деца убиени од руските окупатори во Доњецката област во 2022 година, главно за време на опсадата на Мариупол.

Силите на отпорот на градот Мариупол успеаја да дојдат до списокот на деца убиени во Доњецката област во 2022 година. Децата од Мариупол биле регистрирани во мртовечниците на привремено окупираните населби Мариупол, Манхуш и Новоазовск. Бројката потврдена од окупаторите е 101 дете убиено во Мариупол за време на безмилосните руски бомбардирања на градот, објави Градскиот совет.

Значи, не станува збор за едно убиено дете во Мариупол, како што тврди објавата, туку за 101 дете.

Тука се прави опасна манипулација изнесувајќи погрешни информации со цел да се занемари руската агресија во Украина и украинските цивилни жртви. Уште пострашно е што се прави некаква споредба со загинати деца и што се прави обид за минимизирање на детските жртви во Украина, пишувајќи со потценување дека во Мариупол загинало само едно дете кое било сирак. И да било едно дете, што не е точно, сепак, секоја жртва вреди да се спомне. Убивањето невини деца како во Украина, така и во Палестина, е жалосно и трагично и тоа не може да биде предмет за споредби и потценувања.

Поради сето погоре, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.

hubmk

 

Oхриѓанка измамена од непознато лице, ѝ одзело 300.000 денари од трансакциска сметка

Педесет и три годишна жена од Охрид, пријавила дека била измамена од лице за сума од 300.000 денари, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). „Според пријавеното, лицето ѝ се јавило пред две...

Играта „Warframe“ има ново продолжение наречено „1999″

Излегувањето на алтернативното продолжениe за бесплатната игра Warframe наречено „1999” ја буди носталгијата од Сајберпанк филмовите, стриповите, музиката и книгите во осумдесетите и деведесетите години од минатиот век. Ова е трејлерот...

Грузиските пратеници избраа екстремно десничарски и критичар на Западот за нов претседател

Грузиските пратеници го избраа Михаил Кавелашвили за нов претседател, пренесува „Гардијан“. Според медиумот, сега уставната криза се продлабочува бидејќи според опозицијата, изборот на поранешниот фудбалер Михаил Кавелашвили е „нелегитимен“. „Грузиските пратеници го...

Од почетокот на епидемијата, неделава за прв пат нема пријави за нови случаи на голема кашлица

Од почетокот на епидемијата на пертусис, која трае безмалку една година, неделава за прв пат нема пријави за нови случаи на голема кашлица, соопштува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Како што...

Oхриѓанка измамена од непознато лице, ѝ одзело 300.000 денари од трансакциска сметка

Педесет и три годишна жена од Охрид, пријавила дека била измамена од лице за сума од 300.000 денари, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). „Според пријавеното, лицето ѝ се јавило...