Објава на Фејсбук прераскажува еден стар говор на Путин (додуша со неточности), претставувајќи ја Русија како жртва на „трулиот Запад“, која е принудена да се брани од него со нуклеарно оружје, но притоа се премолчува нејзината агресија врз Украина и други битни факти. Повод за објавата е одобрувањето од страна на САД за послободна примена на оружјето, кое им го даваат на Украинците, а таа досега им беше ограничена за да не се провоцира Русија, пишува Вистиномер во својата рецензија која ја пренесуваме во целост.
Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
„Не го слушавте Путин на безбедоносната конференција во Минхен каде малтене ве молеше, не се ширете на нашите источни граници, не убивајте руски цивили во Донбас и Луганск, некаде 14.000 на број, а не го слушате и денес кога Путин ви говори дека ќе се активира оружје кое не може да го замислите.“
Владимир Путин навистина одржал говор на Минхенската безбедносна конференција (снимка), но на 10.2.2007 г., кога во Украина немало војна, па не можел да говори за убиени руски цивили, а нивната бројка не изнесува 14 илјади, што е пропаганда на Кремљ. Тоа е вкупната бројка на загинати во Донбаската војна, и од проруска и од украинска страна, како борци, така и цивили.
НАТО е на западните граници на Русија, а не на источните – како што вели објавата, а Путин во говорот навистина го критикувал ширењето на НАТО. Но, НАТО не се раширил до границите на Русија, туку е на тие граници од своето основање во 1949 г., преку Норвешка. Подоцна, во НАТО влегле и други сосетки на Русија: Полска (1999), Балтичките земји (2004) и Финска (2023), но НАТО не се ширел насила, туку тие сакале да му се приклучат, затоа што имале лоши искуства со Русија.
Литванија, Латвија и Естонија страдале под Руската Империја, за потоа да се осамостојат, но во 1940 г. Москва насилно ги анектирала во СССР. Под Империјата бил и голем дел од Полска, а во 1939 г. таа била поделена меѓу Хитлер и СССР, за подоцна да се најде во Источниот блок, под доминација на СССР. И Финска била под руските цареви, а во 1939 г. таа била нападната од СССР, при што загубила територии.
Инаку, повод за објавата е дозволата од САД за слободна примена на оружјето кое им го даваат на Украинците, а таа досега им беше ограничена за да не се провоцира Русија. Објавата за тоа вели:
Вчера лудаците од запад одобрија оружје кое ќе ја нападне Русија длабоко на нејзината територија.
Не сите западни земји, туку САД ги отстранија тие ограничувања, а украинските напади длабоко во територијата на Русија не се никаква новост и сензација.
Дури и Москва повеќепати беше мета на украински дронови, а на 3.5.2023 г. дури и центарот на руската власт – Кремљ. На 18.1.2024 г. првпат беше гаѓан Санкт Петербург, што е на дури 900 км од Украина, а на 2.4.2024 г. и Татарстан, кој е на дури 1.200 км оддалеченост. Новост сега е само тоа што нападите ќе се вршат со американско оружје.
Објавата тврди и дека тие проектили не можат да се користат без учество на силите на НАТО и неговите сателити и системи за навигација, што е, всушност, тврдење на Путин.
Тој тврди дека Украинците се неспособни да ракуваат со софистицирано оружје и дека зад тоа стојат САД, а тоа е познат наратив според кој Русите лесно би се справиле со Украина ако зад неа не стоеле САД. Но, Русија е позната по лажните вести, а истиот тој Путин дури тврдеше дека не планира инвазија врз Украина, па тој не е кредибилен извор.
Согласно уставот, Русија ги смета за свои и териториите кои ги анектираше во Украина, а Украинците таму веќе одамна гаѓаат со американско оружје, па од руска гледна точка, Русија е веќе одамна гаѓана со него и не е јасно зошто дури сега прави сензација од тоа.
Добар дел од европскиот дел на Русија е веќе одамна гаѓан, а Украинците дури зазедоа дел од него (во Курската Област), но објавата за тоа молчи и создава впечаток дека акцијата дури сега започнува, при што главна улога му дава на Западот.
Но, Западот не учествува во војната, а ако воената соработка ја сметаме за учество, излегува дека Иран војува против Украина, затоа што ја снабдува Русија со дронови Шахед, балистички ракети и др. За Северна Кореја дури има сериозни индиции дека е вклучена во војната. Белорусија, пак, беше отскочна штица за руската инвазија врз Украина, па по логиката на објавата, Украина војува против куп држави.
Објавата понатаму вели:
Русите се спремаат токму за овој миг, војната на НАТО со Русија, која е во проекците на лудите западни англосаксонски елити.
НАТО не ја нападна Русија, туку Русија ја нападна Украина, т.е. руските елити имале проекции за војна, Западот долго се воздржува од остри потези и дури не ѝ дозволуваше на Украина слободна примена на оружјето кое ѝ го даваше, што дури сега се менува и тоа едвај.
Русија сега има воена или т.н. калашников економија, а во 2025 г. таа планира 142 милијарди долари за одбраната и безбедноста, што е 40 отсто од вкупните буџетски расходи и 6,2 отсто од БДП, што е ниво невидено од советските времиња, па тука е јасно кој сака војна. Зголемување на трошоците има и кај членките на НАТО, но не до таа мера.
На крај, објавата заклучува:
Русија ако го промени воениот мод од Специјална воена операција против наци фашистите од Украина во објава на војна, мобилизација и активирање на севкупните сили, за миг ќе снема пелени за возрасни од Прага до Париз.
„Специјална воена операција“ не постои, туку тоа е еуфемизам со кој се затскрива агресивната војна на Путин, која е кршење и на меѓународното и на руското право, а мобилизација во Русија и тоа како има, но затскриена зад еуфемизмот „делумна мобилизација“.
Украина не е наци-фашистичка држава, туку е демократска и тоа со лидер од еврејско потекло, а на 9.4.2015 г. таа донесе закон за забрана на нацизмот. Како и секаде, понекои негови следбеници има и во Украина, но тие се маргинални. И, иронично, во агресијата врз Украина учествуваат руски неонацисти како Антон Раевскиј или Алексеј Миљчаков со одредот Русич.
Што се однесува до стравот и пелените, фактот што на Украина ѝ се одобри слободна употреба на оружјето покажува дека тој страв лека-полека се надминува.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.