Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, зборуваше на панел сесијата на тема: „Политиките и медиумите“, во рамките на најголемата медиумска конференција „Денови на медиумите ЕУ-Западен Балкан“, во Подгорица.

Тој се осврна на реформите, на новиот Закон за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, како и на предизвикот во справување со дезинформациите и лажните вести и концептот на саморегулација.

„Новинарите се новите борци за слобода и заштитен механизам и ние мора да ги обезбедиме сите потребни алатки за да можат да ја водат таа борба. Наша улога е да бидеме вклучени во реформите, но политичарите не се тие кои треба да ја водат таа борба“, истакна Манчевски, зборувајќи за измените во Законот за АВМУ.

Околу саморегулацијата, Манчевски потенцирал дека верува во концептот, но дека резултатите сè уште не се видливи. Според него, соочени со штетата и сè поголемиот замав на лажните вести, потребни се и конкретни мерки за регулација.

„Искуствата од rеферендумот за промена на името, потврдија дека тие кои се на другата страна од вистината и професионалното новинарство, се организирани и прават непоправлива штета врз демократските принципи во нашата земја“, рече Манчевски.

Тој бил единствениот министер од Западен Балкан, којшто ја прифатил поканата и активно учествувал на настанот.