Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска ги посети учениците од битолското основно училиште „Св. Климент Охридски“ кои го реализираат проектот „Направи робот“.  Настанот е во рамки на Неделата на кодирање – Code Week, а е во организација на „Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење“.

– Во рамки на овој проект, секоја година се приклучуваат се поголем број на училишта и ученици, а и Северна Македонија го следи тој тренд. Тоа значи дека младите тука знаат дека иднината е во информатичкото општество, во иновативноста и во постојаното истражување и откривање нешто ново – истакна во обраќањето пред учениците, министерот Дамјан Манчевски.

Според министерот, кодирањето помага да се развијат потребните вештини за живеење во 21 век, како што се компјутерското размислување, решавањето на проблеми, креативноста и тимската работа.

– Многу скоро, 90% од работните места ќе бараат основно ниво на дигитални вештини. Затоа почнувајќи од денеска мораме да работиме заедно, како влада, училишта – наставници, граѓански организации за младите луѓе уште од најрана возраст да развиваат вештини кои им се неопходни да бидат конкурентни на пазарот на труд – потенцираше министерот Дамјан Манчевски.

Во споредба со лани, бројот на пријавени настани за Codeweek е двојно поголем и изнесува 249, при што Македонија се наоѓа на 7 – мо место по бројот на настани организирани по повод Европската недела на програмирањето.

Во рамките на проектот “Meet and Code 2019!” којшто го организира Фондацијата „Метаморфозис“, има зголемување на бројот на грантови (за настани) од 25 лани на 40 оваа година, а посебна област на Европската недела на програмирање во рамките на “Meet and Code 2019!” е и програмирањето од страна на девојките.