На потпишувањето на денешниот Грански колективен договор со Синдикатот на УПОЗ, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека тоа што администрацијата ќе добива К-15, дневници за превоз, трошоци за ноќевања и други бенефиции не станува збор за предизборен маркетинг и собирање политички поени, туку е резултат на две и полгодишни преговори.

Имајќи ги предвид реакциите на јавноста, Манчевски додаде дека административците кои беа вработени според рамковниот договор, а не се распределени, односно не одат на работа, а земаат плата, нема да добијат К-15.

– Апсолутно ќе се погрижиме овој договор да не важи за таканаречените рамковно вработени колку тоа да го вели Колективниот договор. Ќе најдеме начин заедно со синдикатот, овие луѓе да не земат К-15,“ објасни Манчевски.

Административците, како што информираше министерот, ќе добијат по 9.000 денари како годишен регрес, а парите за оваа намена, односно 155.457.000 денари, се предвидени во буџетот, а дополнителни средства може да се обезбедат и со ребалансот на буџетот.

К-15 нема да добијат вработените во образованието, здравството и социјала кои добија зголемени плати, бидејќи кај нив не се потпишани колективни договори.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пеце Грујовски, смета дека Колективниот договор, не треба да се гледа само преку исплатата на К-15, туку како договор во кој се вратени дел од правата што работниците ги имале пред 2011 година.

– Регресот за годишен одмор предизвика многу полемики дали јавната администрација треба да добие К-15 или не. Јас мислам дека треба да добие. Не може да кажеме дека нашата администрација е неефикасна. Секаде има неработници и така е и во администрацијата, но има и многу вредни работници кои треба да се вреднуваат – рече Грујовски.