Говор на омраза може да цени и да оцени само надлежен суд и затоа ја повикуваме ОБСЕ, како институција во рамките на европски стандарди и принципи, да ја повлече својата најава за селекција на медиуми во Македонија направена според нејзин вкус, затоа што таквиот однос е притисок и дискриминација врз медиумите и новинарите во нив, а тоа е сосема спротивно на европските стандарди и принципи, реагираат од Македонската асоцијација на медиуми (МАН).
Оваа реакција следува по соопштението од ОБСЕ во Македонија, во кое организацијата информира дека нема да соработува со медиумите во кои Миленко Неделовски учествува или го покриваат неговото дејствување.
Сè почна со изјавата на Миленко Неделковски во вестите во живо на телевизија „Сител“ на 27 февруари, каде тој упати отворени закани кон неистомислениците, дека „треба да се стават во дупка и да се покријат со армирана бетонска плоча“.
Уредникот и водителот на вестите, Валентин Николовски, на крајот од разговорот се огради од речникот на Неделковски.
По овој инцидент во вестите, со соопштение се јави ОБСЕ, во кое Мисијата одбива каков било контакт со Неделковски и со сите медиуми што му обезбедуваат платформа за да ги искаже таквите пораки. Овие ставови на ОБСЕ ги испрати и до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), кој примил неколку реакции за изјава на Неделковски.
„Повикувајќи го Советот за етика во медиумите на Македонија да ги разгледа последиците од таквите изјави, Мисијата на ОБСЕ констатира дека во слободата на говорот и во размената на различни мислења постојат граници кога се загрозени правото на живот и физичкиот интегритет на други лица. Освен тоа, според ОБСЕ, ова e штетно врз моралната едукација на идните генерации во државата. Забелешките на Неделковски се продолжение на негативната практика на говор на омраза, како дел од неговите редовни искажувања“, стоеше во реакцијата на ОБСЕ.
За ова соопштение, од МАН тврдат дека ако ОБСЕ има цел нивната работа да биде достапна до севкупната македонска јавност и сите новинари да имаат рамноправен пристап до информации од ОБСЕ, ваквата дискриминација на подобни и на неподбни медиуми секако ја оневозможува таа рамноправност.
„Во спротивно, ова може да стане практика на ОБСЕ во Македонија и во иднина да врши поделба на подобни и на неподобни граѓани, на подобни и на неподобни етнички заедници и слично. Ја повикуваме ОБСЕ да има ист принцип и критериум и кога медиуми блиски до СДСМ и до фондацијата на Сорос во Македонија повикуваат на линч на новинари, политичари или актери кои имаат став и мислење спротивно на интересите на таа партија и на фондацијата“, се вели во реакцијата на МАН.