Малолетните девојчиња се држат на исто место со затвореничките осудени за потешки кривични дела во Затворот Идризово

На овој начин, Северна Македонија го попречува процесот на рехабилитација и реинтеграција во општеството на овие девојки и прекршува голем број меѓународни закони и конвенции. Министерството за правда ги донесе потребните законски измени со кои би се спречило ова, но во пракса сè уште не се спроведува ништо од тоа

-

Малолетните девојчиња кои го прекршиле законот и се осудени на воспитно-поправен дом се сместуваат во затворот Идризово и имаат постојан контакт со возрасни жени кои таму отслужуваат казни за тешки кривични дела. На овој начин, Северна Македонија го попречува процесот на рехабилитација и реинтеграција во општеството на овие девојки и прекршува голем број меѓународни закони и конвенции. Министерството за правда ги донесе потребните законски измени со кои би се спречило ова, но во пракса сè уште не се спроведува ништо од тоа. Порталб разговараше со сите засегнати страни.

Од Управата за извршување на санкции за Порталб.мк неофицијално потврдија дека таму продолжуваат да се испраќаат малолетни девојчиња, но не ни дозволија да снимаме внатре во затворот, ниту пак дадоа дополнителни информации околу ова.

Бројот на малолетнички кои вршат кривични дела во моментов е многу помал во однос на момчињата – во затворот Идризово има само едно малолетно девојче, но оваа бројка варира и се менува речиси секој месец.

Постојаниот контакт на малолетните девојчиња со затворенички осудени за тешки кривични дела може да влијае овие девојки да излезат од таму со уште поголеми криминални тенденции.

Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа вели дека државата на овој начин постапува спротивно на законот и меѓународните стандарди за децата кои го прекршиле законот.

Васка Бајрамовска Мустафа, заменик народен правобранител.

„За ова сме реагирале многупати, минатата година последен пат реагиравме по посетата што ја направивме таму, оценивме дека во воспитно-поправниот дом во Идризово во женското одделение заедно со полнолетните осуденички поправната мерка ја издржуваат и малолетнички. Ова е во спротивност со меѓународните стандарди“, вели Бајрамовска Мустафа.

За Порталб.мк Бајрамовска Мустафа рече и дека побарале овие девојчиња да бидат префрлени во воспитно-поправниот дом во село Волковија, каде во моментов казната ја издржуваат само малолетните момчиња.

„Побаравме да се измени тогашниот закон за спроведување на санкции, тргнувајќи од фактот дека во Волковија има голем комплекс чии капацитети не се искористуваат, видовме дека може да се искористи можноста за соодветно адаптирање на дел од воспитно-поправниот дом во Волковија, каде што моментално се сместени машки деца, за во него да се сместат девојчињата кои моментално се во Идризово“, рече Бајрамовска Мустафа.

Министерството за правда ги усвои потребните измени

На 28 март 2024 година на предлог на Министерството за правда во Собранието на Република Северна Македонија беше изменет Законот за извршување на санкции, со кој се предвидува трансфер на девојчиња од Идризово во Тетово.

Односно, се измени дефиницијата за Воспитно-поправен дом во Тетово – во членот 20 од овој закон направени се следните измени: од „Поправниот дом во Тетово е установа за машки малолетници“, се додава „исто така и женски“.

Скриншот од Законот за спроведување на санкции

Според ова, институциите во земјава до сега веќе требаше да ги имаат трансферирано малолетните девојчиња од Идризово во Воспитно-поправниот дом во Тетово, во специјално одделение каде што нема да имаат контакт со малолетните момчиња.

Тоа сè уште не се случило и малолетните девојчиња продолжуваат да ја издржуваат казната во многу лоши услови во затворот Идризово, заедно со полнолетните затворенички.

Во поправниот дом во Тетово се скептични: Немаме услови да примаме малолетни девојчиња кои го прекршиле законот

Бране Стојчевски, директор на Воспитно-поправниот дом во Тетово, за Порталб вели дека не е сигурен дека ќе можат да ги примаат малолетните девојчиња.

Бране Стојчевски, директор на Воспитно-поправниот дом во Волковија.

„Имаме просторни услови, да, но сè уште не можеме да понудиме други услови кои им се потребни на малолетните девојчиња. Не е работата само да дојдат овде, тие нема само да бидат овде, туку кога ќе дојдат тие ќе дојдат со низа други потреби“, рече Стојчевски.

Стојчевски се жали дека немаат доволно кадар кој може да се грижи за процесот на ресоцијализација на девојчињата.

„Потребни ни се и други услови за да можеме да ги прифатиме, како што реков ни требаат луѓе, нормално, зборуваме за девојчиња, ќе ни требаат женски затворски полицајки, потоа ќе ни требаат и воспитувачи, со оваа бројка на воспитувачи нема да можеме да го постигнеме целиот процес, ќе ни требаат инструктори кои ќе одговараат на потребите на девојчињата, како што имаат момчињата на пример во столарија, хотелиерство или бербери. На пример, некоја ќе побара да се оспособи за фризер, за педикир, маникир или нешто друго, а ние немаме просторни или човечки услови за ова“, додаде Стојчевски.

Тој, сепак, рече дека „овие девојчиња се дискриминирани затоа што се држат таму, таму се мешаат со возрасни затворенички, а процесот на ресоцијализација што треба да се спроведе таму е невозможен“.

Стојчевски очекува Управата за извршување на санкции да ги обезбеди сите потребни услови за прием на малолетните девојчиња во нивната установа.

„Тогаш ќе можеме да кажеме дека сме 100% подготвени, сега не сме“, додаде тој.

Потсетуваме дека Порталб.мк пред неколку дена известуваше за малолетниците кои го прекршиле законот во Северна Македонија, a државата со години не го почитува правото на образование загарантирано со Уставот и меѓународните конвенции. За овој прекршок досега од никого не се побарало одговорност.

Западен Балкан се дави во сулфур диоксид, РЕК Битола меѓу најголемите загадувачи на воздухот

Државите од Западен Балкан и понатаму се дават во сулфур диоксид од застарените термоелектрани, покажува најновиот извештај „Усогласи или затвори“ од Бенквоч (Bankwatch). Во четирите најголеми загадувачи на воздухот влегува и...

Гори депонија, црн чад се гледа од Шуто Оризари

Голем црн чад од пожар на депонија во Шуто Оризари денеска се гледа од повеќе населби во градот. Според информации од Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, депонијата се наоѓа...

Играта Two Point Hospital е бесплатна на Епик Гејмс до четврток

Играта Two Point Hospital, која е пародија на популарната „Sims“, но сега сместена во болница, e бесплатна на Epic Games до четврток. Се работи за инвентивна игра, полна со многу хумор. Во...

Од ЕСМ за хаваријата во РЕК Битола го обвинија СДСМ

Новото раководство на АД ЕСМ ја обвини претходната власт предводена од СДСМ за катастрофалната состојба во која ја затекнало компанијата, посочувајќи дека РЕК Битола и РЕК Осломеј се во континуирана борба...

Западен Балкан се дави во сулфур диоксид, РЕК Битола меѓу најголемите загадувачи на воздухот

Државите од Западен Балкан и понатаму се дават во сулфур диоксид од застарените термоелектрани, покажува најновиот извештај „Усогласи или затвори“ од Бенквоч (Bankwatch). Во четирите најголеми загадувачи на воздухот...