Еден од автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) наменет за превоз на волонтери кои ќе помагаат во поплавените подрачја утрово во 9 часот тргна кон селото Стајковци, кое е едно од местата кои беа најпогодени во саботното невреме. Во автобусот има три девојки, волонтерки, кои на жителите во Стајковци ќе им помогнат во расчистувањето на нивните домови.

Девојките се качија на линијата која тргнува од Ѓорче Петров, поминува кај трговскиот центар „Сити мол“, во Карпош и „Југодрво“, во центарот на градот, а последната станица на која собира волонтери е кај хотелот „Континентал“.

Волонеторките велат дека одлучиле да помогнат затоа што веќе неколку дена ги гледале апелите за помош на социјалните мрежи, но немале како да се организираат за да одат во поплавените места. Тие носат средства за чистење и дезинфекција.

ЈСП пушти вкупно три линии кои ќе возат до поплавените подрачја.

Автобусите на ЈСП кон погодените подрачја ќе тргнуваат во три термини, 9, 12 и 15 часот од следните локации:

  • Ѓорче Петров – пред црквата „Св. Петар и Павле“, кон Карпош, спроти „Сити мол“, потоа продолжува кон
  • Центар – Југодрво, потоа кон Хотел „Континентал“ (спроти Општина Гази Баба) и продолжува кон крајната точка
  • Кисела Вода – пред општина Кисела Вода, продолжува кон Аеродром на булевар Србија пред ОКТА и продолжува кон крајната точка
  • Бутел – пред стара општина Бутел, продолжува кон црква „Св. Јован“ и продолжува кон крајната (Пункт кон Стајковци)

Автобусите кои ги певезуваат волонтерите се означени со бел лист хартија на кој пишува „бесплатен превоз“, „волонтери“ и „поплава“.

На последната станца за собирање на волонтери, кај хотелот „Континентал“ еден човек го замоли возачот на автобусот да почека десет минути за да дојдат уште волонтери, но, подоцна се предомисли и рече дека тие ќе дојдат со возила.

Автобусите на ЈСП за враќање на волонтерите од погодени подрачја кон градот ќе тргнуваат во 13, 16 и 19 часот.