Малите хидроцентрали ги пресушуваат реките и придонесуваат за замирање на животот околу нив. Чистата вода за пиење е еден од најскапоцените ресурси, неопходна за одржување на живиот свет и зачувување на биодиверзитетот, заради што земјава не смее да дозволи да пресушат, апелираат екологистите. Во време кога глобалната заедница се соочува со пандемија на корона вирусот, светот е повикан да ги преиспита своите односи со природните ресурси. Одбележувањето на 22 Мај Обединетите Нации го посвети на биодиверзитетот, а годинава Меѓународниот ден на биодиверзитетот се одбележува под мотото „Решенијата се во природата“.

И покрај сите технолошки достигнувања на модерното време, последните неколку месеци покажуваат дека сме целосно зависни од здрави и функционални еко-системи кои активно придонесуваат за обезбедување на доволни количини чиста вода, храна, лекови, облека, енергија. Годинешната тема „Решенијата се во природата“ повикува на солидарност и ја потенцира важноста да градиме иднина во склад со природата, поточно, кажано со Ковид-19 речник, светот мора да покаже волја за напредок што ќе ја „исправи кривата“ на загубите на биодиверзитетот.

На глобално ниво, околу 25 отсто од сите животински и растителни видови се загрозени со истребување, а Македонија не е исклучок од овие негативни трендови. Невладината организација „Еко Свест“ посочува дека и покрај насоките и силните заложби од ЕУ за пост-ковид опоравувањето кое мора да се фокусира на зелен раст и развој и одржливо искористување на ресурсите со цел нивно зачувување и климатска акција, реалноста во земјава е сосема поинаква.

„Питката вода е наш богат ресурс, многу чувствителен на последиците од климатските промени. Токму затоа во моментов секоја река и поточе станува скапоцен ресурс кој мора да се чува. И покрај лошите проценки за питката вода во последните сценарија за климатски ризици на Меѓувладинот панел за климатски промени, деновиве сведочиме на последиците од изградбата на мали хидроелектрани во земјата кои предизвикуваат целосно пресушување на реките и замирање на биодиверзитетот и животот околку нив“, велат во „Еко свест“.

Според студијата на Министерството за животна средина, во Македонија има 668 ендемични видови растенија и животни, кои растат и живеат само на овие простори. Професорот на Институтот за биологија, Златко Левков вели дека во земјава има исклучително богата флора, фауна и фунгија, а во периодот од 2015 до 2019 година се откриени и опишани над 100 нови видови растенија, габи, алги, полжави и инсекти кои науката досега не ги познавала. Сепак, степенот на загрозеност на овие новоопишани видови не може во целост да се определи.

„Недостатокот на податоци за биодиверзитетот, но и степенот на загрозеност на одделните видови се должи на низа фактори. Првенствено тоа е недостатокот на фининасирање на научни-истражувања во земјата, потоа се намалените човечки и инфраструктурни капацитети со просечната старост на истражувачите од околу 55 години и секако неспроведувањето на превземените обврски од страна на институциите за реализација на некои истражувања или конзервациски проекти. Но, и покрај бројните ограничувачки фактори, сепак научната фела, главно поради самоинцијативноста и мотивираноста, спроведува одделни истражувања од кои произлегуваат вредни податоци за биодиверзитетот“, вели Левков.

И за него, градењето на мали хидроцентрали е една од поголемите опасности за биодиверзитетот во земјава.

„Во земјава има голем број загрозени видови, а тоа се должи на интензивното човеково влијание. Сечењето на шумите, палењето на нискостеблените дрвја и грмушки, комплетното зафаќање на изворите, модифицирањето на речните корита и пред си градењето на мали хидроцентрали. Особено последниот процес е загрижувачки, имајќи предвид дека малите хидроцентрали често пати се градат на мали водотеци кои се во природна состојба и се населени со број ретки и загрозени, а понекогаш и ендемични видови. Промената во хидрологијата, но и градењето на објектите, неконтролирано отворање на шумски патишта во целост ја нарушуваат еколошката рамнотежа во поширокото подрачје, не само на реката“, посочува Левков.