Над десет здруженија од Тиквешијата и Југоисточниот регион, како и активисти од целата земја од утре до недела ќе организираат секојдневни блокади и голем протест кај излетничкото место Смрдлива вода, близу Гевгелија, против изградбата на мали хидроцентрали на реката Дошница. Граѓаните бараат итно и трајно стопирање на овие енергетски проекти и почитување на барањата на меѓународните конвенции за неизградба на мали хидроцентрали и уништување на чиста вода за пиење и биодиверзитет. Жителите на овој регион се загрижени за снабдувањето со вода на Гевгелија, Демир Капија, Неготино, Росоман и сите населени места кои ја користат чистата вода од Кожуф. Во Дошница, една од ретките чисти реки во земјава, живеат ендемски видови риби и инсекти, меѓу кои и автохтоната македонска пчела Apis mellifera macedonica. Посочуваа дека Конска Река во Гевгелија веќе е пресушена, а под закана се и Кранска, Крива, Тополка, Каменичка, Брајчино, Бачишка и многу други планински реки, заради што нема да дозволат Дошница да биде следната.

„Ова еколошко богатство може да го изгубиме засекогаш. Не смееме да ги загрозуваме живиот свет и природните ресурси. Македонија има ограничени ресурси на питка вода, со многу мали водотеци и климатска ранливост. Секое одвлекување на вода преку цевководи значи ризик од губење на уште еден извор на чиста вода и за нас и за сите следни генерации“, велат од една од граѓанските организации Зелена Народна Стража.

Од таму бараат и отворање на документацијата за концесиите на двете мали хидроцентрали, кои се планирани во недопрената природа на Кожуф планина, над Смрдлива Вода и одржување на вистинска јавна расправа на која ќе може да присуствуваат сите кои се засегнати. За нив изградбата на енергетски објекти е само изговор за одржлива енергија. Тие сметаат дека малите хидроцентрали произведуваат занемарливо малку струја, а за возврат ги пресушуваат реките и го уништуваат целиот екосистем.

Најавените блокади ќе се одржуваат секој ден од утре до недела на излетничкото место Смрдлива Вода од шест наутро до 18 часот, а главниот протест ќе се одржи во недела од 11 часот.

Протестите на населението од овој регион против овие две мали хидроцентрали траат повеќе од две години. Иако Дошница не е во заштитено подрачје, јавноста процени дека ваков тип на зафат е штетен за природата и биодиверзитетот, бидејќи тоа е една од најчистите реки во земјава. Граѓаните беа особено револтирани што процесот се одвивал во голема тајност, а тие за изградбата дознале кога багерите се појавиле на падините на планината. Тогаш, од Министерството за животна средина информираа дека не се разгледува можност за раскинување на договорите за овие две мали хидроелектрични централи, со оглед на тоа што тие ги имале сите дозволи и одобренија според законите за водите и за животна средина.

Протест против мали хидроцентрали на Кожуф: Ништо не знаевме додека не видовме багери