Малезија сè уште не дала дозвола на нејзина територија да се увезе отпадот од Топилницата од Велес. Во таа земја во тек е шестмесечен мониторинг на сите договори од овој тип, откако на почетокот на годината беше забранет секаков увоз на отпад. Тоа е причина што транспортот на минералната техногена суровина од троската сè уште не започнал, иако подготвителните работи почнаа пред повеќе од две години.

Од компанијата „Кепс монт груп“, која е концесионер, велат дека тие не се откажуваат од договорот со Малезија, кој е склучен во 2018 година и сè уште е валиден. Во моментов нивната партнер компанија од оваа земја преговара со малезиските власти да го испочитуваат, без разлика на ембаргото. Во меѓувреме „Кепс монт груп“ преговара и со компании од Турција и Украина, доколку се случи Малезија да даде негативен одговор.

„Нашиот договор со компанијата од Малезија е важечки и е склучен пред да биде воведено ембарго на увоз на отпад. Ние не се откажуваме, процесот го започнавме во 2017 година и имаме многу вложено досега, троската ќе биде изнесена од Велес, но најтешко е да одговориме на прашањето за временските рокови. До јуни ќе трае периодот на мониторинг на сите овие договори и очекуваме позитивно решение од малезиските власти. Јасно е дека процедурите со дозволите траат долго, бидејќи и ние интегрираната Б дозвола ја добивме во октомври, помалку од три месеци пред Малезија да ја воведе забраната. Една од причините за одолговлекување на работите беа и банкарските гаранции за обезбедување на транспортот на суровината, кој е многу скап. Ниту една од домашните банки не сакаа да дадат гаранција за компанија од Малезија, па сега нашиот партнер се обидува да обезбеди преку некоја странска банка. Активно работиме и на опциите за резервно решение, доколку добиеме негативен одговор и преговараме со турски и украински компании“, велат во „Кепс монт груп“.

Оваа компанија треба да го ослободи Велес од црниот рид со згура, кој веќе три децении е сведок за  работењето на велешката Топилница и е една од еколошките „жешки точки“ кои им го загрозуваат здравјето на граѓаните. Во него има тешки метали како олово, цинк, кадмиум, бакар и други, кои сè уште имаат вредност и можат да се искористат како суровини. Ридот со троска тежи околу 1,8 милиони тони и според проценките на концесионерот „Кепс монт груп“, а досега само стотина тони, како пробни количини суровина, се транспортирани во Малезија. Со планираната редовна динамика за транспорт на техногената суровина од по два камиона на час или педесетина камиони во текот на 24 часа, би требало да се транспортира за околу четири години. Компанијата, од Општината Велес доби Б интегрирана дозвола која важи седум години.