Малешевијата изобилува со можности за алтернативен туризам, но недостасуваат млади и инфраструктура

Фото: Мета.мк

Уживање во природа и зеленило, во здравата храна и чистиот воздух се главните адути на Малешевијата. Развојот на алтернативен туризам и привлекувањето гости со богатствата кои ги нуди овој крај е еден од главните начини за одржлив развој и обезбедување на приходи за локалното население. Зелените бизниси кои најчесто се темелат на традиционалното производство се иднината на овој крај. Понудата е богата колку што е богата и природата, а локалните производители нудат млеко, сирење, млечни производи, мед и пчелини сапуни, мелеми, природни масла…

Изминатите две години во овој дел од земјата се прогласија и две заштитени подрачја, дел од Осоговските планини и Малешево како потврда за големите природни вредности на овој крај. Тоа е добра основа која мора да се надоградува со соодветна понуда, инфраструктура и промоција, бидејќи тенденцијата на иселување на младите е голема.

Младиот брачен пар Антонио и Верица Арнаутовски веќе една деценија се сопственици на пчеларник во село Владимирово, што започнал како хоби, но полека се претвора во одржлив бизнис. Овие млади луѓе велат дека решиле да не заминат и да инвестираат во чистата Малешевска природа, да ги искористат нејзините бенефити и за себе и семејството тука да изградат живот.

Произведуваат мед, пчелини производи и ракија-медовача, а сите количини веќе им се продадени. Од годинава го отвориле и апицентарот „Кладенче“, а искуствата за овој тип на алтернативна медицина ги учат од Словенија.

„На почетокот со сопругата пчеларството ни беше само хоби, да се релаксираме и да имаме мед за нашето семејство. Крајот е еколошки и чист, а пчеларникот е на место каде нема сообраќај и нуди одмор од сите предизвици на секојдневието“, вели Антонио.

Во иднина, бројот на пчелните семејства во Кладенче ќе се зголемува, а Антонио и Верица сакаат да го развиваат не само медицинскиот, туку и едукативниот и туристичкиот аспект на пчеларењето.

„Малешевијата е слепа точка, но со помош на туризмот и еколошката храна може да го развиеме овој крај. Ни недостасуваат младите луѓе кои сè повеќе заминуваат. Малку останаа тие како нас, кои сакаат да останат и да инвестираат“, вели Антонио.

Маноил Стефановски од Пехчево е сопственик на семејната сточарска фарма „Агро Чука“ и производител на органско јагне, сирење, урда како и органски сливи, јаболки и круши од кои прават слатка, овошни ликери и други производи. Во 2010 година заедно со уште 12 фармери од овој крај започнале проект за зачувување на старата сорта овци, праменка-овчеполка, за што создале и репроцентар. Стефановски смета дека токму здравата храна и традиционалната кујна се адути на Малешевијата за привлекување на туристи.

„Малешевијата обилува со прекрасни планини, шуми, води, водопади… Природата ни е идеална за развој на туризмот, но за да може сето тоа да се искористи мора напори да направат и локалната самоуправа и државата. Неопходно е да се подобри инфраструктурата, а ни треба и промоција на нашите локални органски производи и домашната храна бидејќи малешевската кујна е позната по своите квалитетни производи“, вели Маноил.

Раскажува дека чести гости се странските туристи кои сакаат да пешачат по планините и да ги видат и доживеат нашите природни богатства, а сакаат и да дегустираат локални специјалитети. Сепак, проблем во Пехчево е кој да ги дочека, бидејќи трендот на иселување кај младите е голем.

„Овој крај има перспектива за младите, но сè поретко се одлучуваат да почнат бизнис овде. Сите сакаат да најдат сигурност во државното вработување, можеби и за помалку пари, но побезбедно. Туризмот во Малешевијата има потенцијал, но нема континуитет, на пример во зимскиот период нема туристи и тешко се опстанува. Потребни ни се објекти, инфраструктура и промоција на нашите природни богатства“, посочува Стефановски.