Планинарско-спортскиот клуб „Малешевска корија“ од Берово ги промовираше постигнатите резултати од под-проектот „Малешевска корија – планински велосипедизам дестинација“ како дел од туристичката дестинација Малешево и околината што беше поддржан во рамките на „Проектот за локална и регионална конкурентност“.

Цели на под-проектот се да се подобри локалната туристичка понуда за планински велосипедизам, да се поттикнат здрави животни навики и активности за грижа и почит кон планината, да се зголеми бројот на дојдовни туристи во Малешевијата, јакнење на економијата и намалување на иселувањето на младото население.

За да се постигнат овие цели набавени се 25 велосипеди за деца и возрасни и соодветна опрема за планински велосипедизам, обучени се водичи за спроведување велосипедски тури во планина, набавена е гоу-про камера за креирање на промотивни видеа и слики, изработен е промотивен материјал, изработена е веб-страица преку која сите заинтересирани можат да се информираат за услугите и понудите и која обезбедува насоки за индивидуално користење на велосипедските патеки.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека постојат многу работи кои можат да го направат Берово убаво туристичко место со добри понуди. Европската унија и Светска бакна финансираат вкупно 47 под-проекти со грант од 18 милиони евра за развој на туристичките потенцијали.

-Планинскиот-спортски клуб „Малешевска корија“ од Берово е една од 17-те асоцијации кои добија под-грантови од Проектот. Вкупната вредност на овие под-грантови за асоцијации е над 1,2 милиони евра, за развој на нови атракции за туристите низ целата земја, како што се летање со балони на топол воздух, јавање коњи , планински велосипедизам, обележани патеки за пешачење, самоводечки тури и падобрански скокови во тандем – изјави Марко Мантованели, директор на Светска банка.за Македонија и Косово.

Дека туризмот може да биде една од гранките која што може да ја задвижи економијата покажуваат и последните официјални бројки кои велат дека споредбено со септември 2018 година забележлив е зголемен број на туристи за 12,8 проценти, како и зголемување на број на странски туристи за 17,8 проценти.