Малата депонија со линдан во ОХИС има повеќе отпад од очекуваното, чистењето ќе продолжи догодина

Месецов ќе започнат тестирања на почвата во делот што остана да се исчисти, за да може да се направи вистинска проценка уште колку време и пари ќе треба да се заврши со овој голем проект

Фото: Мета.мк

Концентрацијата на отпад во малата депонија со линдан во ОХИС е за 25 отсто повисока од иницијално проценетите количини, покажале досегашните ископувања на овој опасен отпад. Заради тоа месецов ќе започнат тестирања на почвата во делот што остана да се исчисти, за да може да се направи вистинска проценка уште колку време и пари ќе треба да се заврши со овој голем проект. Владата минатиот месец од буџетот одвои 24,2 милиони денари со кои во Мултипартнерскиот фонд за животна средина со кој што раководи Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги УНОПС ќе има околу 500.000 евра наменети за ремедијација во малата депонија. Досега, со пари од овој фонд се расчистени речиси 1,600 тони отпад и 500 тони земја контаминирани со HCH, а чистењето на отпадот во петтиот лот се очекува да започне во 2025 година, откако ќе заврши земањето примероци и новата проценка на количините.

„Досегашната пракса во работата покажа дека концентрацијата на отпад е повисока и да се намали неизвесноста за типот и количините во останатите два базени и просторот меѓу петте базени во малата депонија, УНОПС во согласност со Министерството за животна средина и просторно планирање ќе спроведе целно земање на примероци од почвата. Земањето на примероци од почвата ќе започне во текот на овој месец, и се очекува да овозможи проценка на средствата потребни за целосна ремедијација на останатиот дел во малата депонија“, информираат од Министерството.

Од таму посочуваат дека се прават напори да се обезбеди континуитет на ремедијацијата на малата депонија со линдан. Засега, со постоечкото финансирање се покриваат тековните фази, но за продолжување на процесот за чистење на останатите базени во малата депонија несомнено е дека ќе треба да се бараат и дополнителни средства.

„УНОПС заедно со МЖСПП активно работи на изнаоѓање и мобилизирање на дополнителни финансиска средства. Се истражуваат можности и потенцијални донатори за да се обезбеди целосната финансиска поддршка потребна за комплетирање на оваа важна иницијатива, што очекуваме да добие на поголем интензитет до крајот на 2024 година, велат од Министерството.

За продолжување на чистењето на опасниот отпад ќе треба повторно да се распише тенден за избор на компанија за ремедијација. Во изминатите три години оваа улога ја имаше грчката „Полиеко“. Чистењето на линданот од ОХИС почна во септермври 2021 година, а досега се исчистени четири лота. Собраниот линдан е транспортиран и уништен во Треди во Франција, додека почвата контаминирана со HCH  се транспортира во постројката Индавер во Германија. Досега се транспортирани и уништени 1.932 тони високо концентриран HCH отпад и 586 тони почва контаминирана со HCH изомери. Се претпоставува дека остануваат да се отстранат уште 300 тони линдан и 1.500 тони почва.

Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево каде лежат околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато производството од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.