Макрон вели дека е понуден мировен договор меѓу Израел и Иран, Трамп го напушти Самитот на Г7

Американскиот претседател Доналд Трамп негираше дека заминувањето е поврзано со мировна иницијатива, ветувајќи нешто „многу поголемо“, додека претседателот на Франција, Емануел Макрон посочи дека е понуден договор за примирје меѓу Израел и Иран

-

Американскиот претседател Доналд Трамп драматично го напушти Самитот на седумте најразвиени земји во светот, Г7, во Канада еден ден порано и се врати во Вашингтон, додека францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека САД размислуваат за можноста за примирје меѓу Израел и Иран.

„Навистина има понуда за средба и размена на ставови. Понудата е направена спеицифично за да се постигне примирје и потоа да се поттикнат пошироки разговори. Сега треба да видиме дали страните ќе ја прифатат“, изјави Макрон пред новинарите на самитот на Г7.

Тој ја нарече понудата позитивен развој. „Во моментов, верувам дека треба повторно да започнат преговори и дека цивилите мора да бидат заштитени“, рече Макрон.

Макрон додаде дека не верува оти нешто ќе се промени во следните неколку часа, но „бидејќи САД уверија дека ќе најдат начин за примирје и бидејќи можат да вршат притисок врз Израел, можно е работите да се променат“.

16.06.2025, Кананаскис, Канада – Од лево кон десно: претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, јапонскиот премиер Шигеру Ишиба, италијанската премиерка Џорџа Мелони, францускиот претседател Емануел Макрон, канадскиот премиер Марк Карни, американскиот претседател Доналд Трамп, премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон Дер Лајен за време на самитот на Г7 во планинската ложа во Кананаскис, Канада | Фото: Сајмон Доусон / Number 10, CC BY 2.0, Викимедија комонс

Трамп пред новинарите изјави дека мора да замине од „очигледни причини“, но подоцна објави дека неговото рано заминување „нема никаква врска“ со напорите за постигнување примирје меѓу Израел и Иран.

На платформата Truth Social, тој напиша дека причините за неговото заминување се „многу поголеми од тоа“.

Претходно, Трамп потврди дека добил сигнали преку посредници дека Иран сака деескалација на судирот. Познат по тоа што не ги сака самитите на Г7, Трамп реши да отпатува за Вашингтон за да го извести својот совет за национална безбедност при што избегна ден во кој неговите колеги од Г7 ќе го притиснеа околу Украина и трговските царини.

Овој развој на настаните следува по обидите на неколку заливски држави да посредуваат меѓу САД и Иран со цел да обезбедат примирје и повторно да започнат нуклеарните преговори кои Иран ги прекина по ненадејниот напад на Израел.

Во понеделникот, израелската војска повика 330.000 жители од еден кварт во центарот на Техеран да се евакуираат, предупредувајќи на претстоен напад врз „воена инфраструктура“ во таа област, објава што наликуваше на оние што Израел ги упатуваше кон жителите на Газа во последните 20 месеци.

Во слична објава на социјалните мрежи, Трамп ги повика Иранците да ја напуштат престолнината, што укажува дека не врши притисок врз израелската влада да запре со нападите.

Централниот дел на Техеран почна да се празни рано во вторникот, со затворени продавници и Големиот базар, нешто што претходно се случило само при антивладини протести или за време на пандемијата на коронавирусот.

На патиштата кои водат западно од Техеран, сообраќајот беше блокиран. Многу граѓани изгледа се упатуваа кон областа околу Каспиското Море. Долги редици се забележани и на бензинските пумпи во градот.

По изненадниот израелски напад во петокот наутро, Иран возврати со ракетни напади врз израелски градови, фокусирајќи се на најнаселените подрачја помеѓу Тел Авив и пристаништето Хаифа. Двете страни ги напаѓаа и нафтените и гасните капацитети на противникот, што го зголеми ризикот од еколошка катастрофа. Во понеделникот се пријавени експлозии во близина на рафинерии во јужен Техеран.

Претходно, францускиот, германскиот и британскиот министер за надворешни работи во заеднички телефонски повик го повикаа иранскиот министер Абас Арагчи да не го проширува конфликтот со напади врз САД или други регионални актери.

Министрите го повикаа Иран и да се откаже од заканата дека ќе ја напушти Спогодбата за неширење на нуклеарно оружје, што би можело да укаже на обид за развивање нуклеарна бомба поради неможноста да се одбрани од израелските напади. Исто така, беше побарано Иран да ја повлече и заканата за намалување на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Тројцата министри предупредија дека ескалацијата само дополнително ќе го оттурне Иран од можноста за враќање на патот кон дипломатијата.

Во меѓувреме, некои европски претставници признаа дека немаат гаранции дека Трамп навистина ќе изврши притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да запре со разорниот напад врз иранската безбедносна инфраструктура.

Иран најави дека ќе ги обнови разговорите со САД за својот нуклеарен програм само ако Вашингтон нареди прекин на израелската бомбардерска кампања. Дел од европските претставници признаа дека не се сигурни дали Трамп навистина сака да постигне дипломатски договор со Иран или пак дефинитивно, иако скришно, одлучил да го поддржи Израел во уништувањето на иранската нуклеарна програма со сила.

Емануел Макрон и Доналд Трамп | Фото: Белата куќа (The White House), јавен домејн, Викимедија комонс

Во заедничкото соопштение на лидерите на Г7, објавено доцна во понеделникот, се повикува на деескалација, но се повторува „правото на Израел на самоодбрана“ и се означува Иран како „главен извор на нестабилност и тероризам во регионот“.

„Ќе останеме внимателни кон влијанието врз меѓународните енергетски пазари и сме подготвени на координирана акција со партнери со слични ставови за одржување на стабилноста на пазарот“, се наведува во соопштението.

Израел инсистира САД да се приклучи на нападите, но засега нема јасна најава дека враќањето на Трамп во Вашингтон значи директно американско воено вмешување. Белата куќа и Пентагон ги отфрлија таквите шпекулации и нагласија дека САД ја задржуваат одбранбената поставеност.

Во своите изјави во поддршка на примирје, Макрон предупреди дека секој обид за смена на режимот со сила би бил стратешка грешка.

„Секој што верува дека со бомбардирање однадвор може да спаси некоја земја – против нејзината волја – секогаш грешел“, изјави Макрон пред медиумите на Г7.

Агенцијата за национална безбедност изврши претрес и одзеде оружје и мобилни уреди во Скопје

Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР), на 19 јули 2025 година спроведе претрес на домови и други простории на две локации во Скопје, по...

Лефков: Бугарски служби шират дезинформации против Мицкоски и Владата

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска обвини за постоење на „координирана операција за дискредитација“ насочена против Владата, премиерот Христијан Мицкоски и Република Македонија, наводно оркестрирана од...

Забраната за шетање во шуми не е дел од никаква агенда, туку се воведува поради превенирање на пожари

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели: Ова мерките на Северна вукојебина за забрана за шетање по планините личи на агендата 2030 а народот овца не се буни. Забраната за шетање во шуми не е ништо...

Институционален молк, политичка калкулација и цената што жените ја плаќаат за учество во јавниот живот

Во  Македонија, од 80 општини, само две ги водат жени: Данела Арсовска во Скопје и Жаклина Јовановска во Старо Нагоричане. Тоа ја прави оваа ситуација уште позначајна. Нападот врз една од...

Агенцијата за национална безбедност изврши претрес и одзеде оружје и мобилни уреди во Скопје

Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР), на 19 јули 2025 година спроведе претрес на домови и други простории на две локации во...