Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика средношколците да ги исклучат мобилните телефони и да читаат книги, предлагајќи воведување на „ден без екрани“ еднаш месечно, како и забрана за користење социјални мрежи за лица под 15 години, пренесува Ројтерс.
Макрон, во своето обраќање истакна дека е неопходно да се постават појасни правила за користење на социјалните мрежи кај младите, предупредувајќи на нивното влијание врз вниманието, здравјето и развојот на децата. Тој предложи и еден ден месечно без интернет, кој би се користел за читање, театар или други активности.
„Ве оставивме во оваа џунгла и таа ви го одзеде вниманието. Мораме да забавиме и да ви помогнеме да станете возрасни, а пред сè граѓани“, изјави Макрон.
Во Франција веќе се разгледува предлог-закон со кој се воведува забрана за користење социјални мрежи за лица под 15 години, иако во парламентот постојат разлики околу опсегот на мерката. Додека долниот дом поддржал целосна забрана, Сенатот се залага за ограничување само на штетни платформи.
„Затоа сакаме да кажеме дека пред 15-годишна возраст нема повеќе социјални мрежи. И би сакале еднаш месечно да има ден без интернет… за да покажеме дека тоа е можно“, порача Макрон во своето обраќање.
Слични мерки се разгледуваат и во повеќе европски земји, при што најмалку десетина држави, меѓу кои Велика Британија и Норвешка, веќе воведоа или разгледуваат старосни ограничувања за користење социјални мрежи, најчесто меѓу 13 и 16 години. Европската Унија истовремено работи на апликација за проверка на возраст.
Кипар е најновата земја што најави забрана, при што претседателот Никос Христодулидис соопшти дека минималната возраст за користење социјални мрежи ќе биде 15 години.
Подоцна во текот на денот, Макрон ќе одржи видео-конференција со лидери од Европската Унија за усогласен пристап околу воведување на „дигитална полнолетност“ и задолжителна проверка на возраста.
Во Франција мерката предизвика поделени реакции меѓу учениците, дел сметаат дека забраната е потребна за заштита од онлајн насилство, додека други сметаат дека родителите треба да одлучуваат за користењето на интернет.
„Мислам дека родителите треба да постават граници за своите деца“, кажа 12-годишниот Ердем Дуран.
15-годишниот тинејџер Фабиен Андроник исто така не се согласува со забраната, наведувајќи дека сака да ги користи социјалните мрежи бидејќи, како што рече, „учиме многу работи таму“.
