Фото: Влада на РСМ, јуни 2021 г.

Главните претенденти за освојување на новата претседателска функција во Франција на изборите што ќе се одржат наредната година остварија лоши резултати на првиот круг од регионалните избори. Партијата „Републиката напред!“ на актуелниот претседател Емануел Макрон доживеа фијаско, освојувајќи само 10,9 отсто од гласовите, пренесуваат Гардијан и Би-би-си.

„Шамар во лице“ е коментарот на еден од пратениците на партијата на Макрон по вчерашните избори во Франција. Дополнителен разочарувачки фактор е што околу 68 отсто од запишаните гласачи не излегоа на гласање на вчерашните избори, што претставува доказ дека Макрон не успеал да ги мобилизира своите приврзаници.

Лош резултат оствари и екстремно десничарската партија „Национален собир“ на Марин Ле Пен, која што освои 19,1 отсто од гласовите на регионалните избори. Токму Ле Пен се очекуваше да му биде главен противник на Макрон на претседателските избори во Франција, кои треба да се одржат во 2022 година.

Засега и на двајцата кандидати за иден претседател на Франција тешко им оди меѓу гласачите, а на вчерашните избори за победник може да се прогласи конзервативната партија „Републиканци“ на поранешниот претседател Никола Саркози, која освои 29,3 отсто од гласовите.

Третото место на вчерашните избори го освои Социјалистичката партија на Франција, која ја доби довербата на 16,5 отсто од гласовите. Партијата на Зелените освои околу 13 отсто од гласовите.

На регионалните избори се бираат новите советници во 18 региони, од кои 12 се во континенталниот дел на Франција, потоа островот Корзика и пет во прекуморските територии Гвадалупе, Мартиник, Гвајана, Мајот и Реунион. Регионалните совети вообичаено се избираат со мандат од шест години и со нивните буџети од неколку милијарди евра се директно одговорни за функционирањето на училиштата и транспортот, како и за економски развој.

Вториот круг на регионалните избори во Франција ќе се одржи на 27 јуни. Сумирајќи ги изборните резултати, политичките партии во наредните денови ќе се обидат да формираат меѓусебни коалиции за победа во вториот круг. За очекување е партиите да се здружат во регионите, како што е Прованс Алпи Азурен Брег, каде што екстремно десничарската партија на Ле Пен се очекува да победи во вториот круг и веќе освои најмногу гласови на вчерашното гласање.