Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе склучи договори со Франција за снабдување со капацитети за воздушна одбрана, воени авиони и ракети, со цел да се зајакне долгорочниот капацитет на неговата армија за борба против тековната инвазија на Русија. Зеленски е во Париз на разговори со францускиот претседател Емануел Макрон, бидејќи тешките руски напади со беспилотни летала и ракети врз Украина се зголемија во последните недели, а Москва најави остри копнени напредувања во југоисточниот регион Запорожје.
„Подготвен е историски договор со Франција – ќе има значително зајакнување на нашата борбена авијација, воздушна одбрана и други одбранбени капацитети. Според распоредот на посетата, ова ќе се случи во понеделник“, рече Зеленски во објава на X во недела.
Веќе неколку недели се водат разговори за да се види како Франција би можела да обезбеди поголема воена поддршка за воздушната одбрана на Киев и покрај политичката и буџетската нестабилност во Париз, што покрена прашања за тоа колку Франција всушност може да направи.
Макрон минатиот месец вети дека ќе понуди повеќе борбени авиони „Мираж“, откако првично вети дека ќе испорача шест, и нова серија ракети земја-воздух „Астер 30“.
Но, според две лица информирани за ова прашање, посетата денеска ќе донесе повеќе за Киев. Таа би можела да вклучува 10-годишен договор за стратешка авијација што би сигнализирал обезбедување на Киев со повеќенаменски борбени авиони „Рафал“ произведени од „Дасол“.
Некои би можеле да дојдат директно од француските залихи, иако најголемиот дел би бил долгорочен и дел од напорите на Украина да ја зголеми својата флота на 250 воени авиони, вклучувајќи ги американските Ф-16 и шведските „Грипен“.
Управувањето со напредните авиони би одзело време со оглед на ригорозната програма за обука на потенцијалните пилоти.
Двата извори рекоа дека деенска би можеле да се видат и договори за повеќе системи за воздушна одбрана SAMP/T, од постојните француски залихи или преку долгорочни нарачки од следната генерација, вклучително и за ракети и системи против беспилотни летала.
Изворите велат дека не е јасно како ќе се финансираат овие зделки.
На брифинг за медиумите пред посетата на Зеленски, кабинетот на Макрон соопшти дека целта е француската извонредност во индустријата за оружје да се стави во служба на одбраната на Украина и да се овозможи да се стекнат системите што ѝ се потребни за да одговори на руската агресија.
