Најмалку шест веб-страници што пренесуваат пропагандистички вести во корист на потенцијалниот кандидат на Републиканската парија за претседател на САД, Доналд Трамп, се регистрирани од Македонци што живеат во Велес!

Според сопствениците на овие веб-страници, Велес е преплавен со вакви и со слични „портали“ во потрага по повеќе кликнувања и по заработка. Петтемина млади велешани, со кои „Мета“ контактираше, посочуваат дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

Дел од нив велат дека ги интересира политика и веруваат оти Доналд Трамп ќе биде следниот кандидат на Републиканската партија за претседател на САД, но не се членови на која било домашна или странска политичка партија.

Сите веб-страници се регистрирани на почетокот од 2016 година, со платен домен за цела година на повеќе различни сервиси за регистрација на домени како „Го дади“ (Godaddy), „Емон“ (Emon), „Фаст домеин“ (FastDomain) и сл.

Откако „Мета“ контактираше со сопствениците, два од домените беа анонимно пререгистрирани на иста адреса во Јута, САД. Сопственик на доменот usadailypolitics.com до 13 часот денеска беше Теодор Индов, 22-годишен студент на ФИНКИ од Велес, кој посочи дека на веб-страницата работи заради кликнувања и посети.

– Размислував што најмногу ги интересира Американците и беше или ова или рагби. Некои од вестите ги пишувам, а дел преземам од други веб-страници и преведувам. Не знам дали се точни или не, јас ова го правам само поради реклами на „Гугл“ (Google ads) – вели Индов.

Иако тој по телефон тврдеше дека не ги познава другите сопственици на домените што објавуваат пропаганда за Доналд Трамп, и сопственикот на доменот usanewsflash.com мистериозно беше променет од Мирон Брезев во анонимен сопственик со истата адреса како и usadailypolitics.com во сојузната држава Јута во САД.

Брезев за „Мета“ изјави дека тој е професор по англиски јазик од Велес и најмногу објавува за Доналд Трамп „затоа што народот најмногу сака да чита за него“.

– Нешто пишувам, нешто преведувам, нешто преземам од други веб-страници. Само прикачувам вести и ништо друго. Најмногу пишувам за Доналд Трамп затоа што народот најмногу сака за него да чита, но пишувам и за други – вели Брезев.

Тој тврди дека со веб-страницата работи сам и никој не му помага.

– Знам дека не е сè точно што се пишува на веб-страницата, исто како што не е точно сè што се пишува и на македонските веб-страници. Но, за секоја вест имам напишано извор од каде е пренесена – вели Мирон Брезев од Велес.

usanewsflash - collage
Откако го контактиравме сопственикот на веб-странцата usanewsflash.com, тој анонимно го пререгистрираше домеинот.

Другите тројца сопственици на „протрамп-портали“ не ги пререгистрираа своите домени откако контактиравме со нив.

Маријанчо Марков, на чие име се води веб-страницата 365usanews.com, пред да го прекине разговорот со нас, само кратко изјави дека нема никаква поврзаност со Доналд Трамп и дека само го интересира политика.

Марио Петруешев, пак, кој е сопственик на worldpoliticus.com, ни се претстави како студент по информатика, а посочи дека на веб-страницата работи за финансиски надомест од интернет-реклами и од „Гугл“.

– Порталот го работам еден месец, пред тоа имав и други, но не дадоа резултат и затоа се решив за портал што ќе ги афирмира политиките на Трамп, затоа што сметам дека ќе победи – вели Петрушев.

Тој вели дека не ги познава лично другите луѓе што имаат слични портали, но ни изјави дека ги нашол на интернет и дека знае за кого станува збор.

Според сопственикот на usapoliticsonline.com, Сашко Димов, кој, исто така, ненадејно го прекина телефонскиот разговор, никој не може да му забрани каков портал да отвори.

– Од љубопитност го отворив овој портал. Ако ве интересира, мислам дека Трамп ќе победи за претседателски кандидат. Сето ова е само забава – рече накратко.

Сторијата за македонските сопственици на „протрамп-поратали“ прв ја обајви „Егзаминер“, чиј автор, Џон Даниелс, одговорен уредник на медиумот, тврди дека овие веб-страници се креирани за неопределените гласачи да се приклонат кон Трамп, додека истовремено го клеветат неговиот опонент во трката за републикански кандидат, Тед Круз.