Отвореноста на македонското Собрание за граѓаните е под регионалниот просек, покажува анализата на „Метаморфозис“ спроведена во рамки на проектот „ActionSEE“. Во истражувањето Собранието добило индекс на отвореност од 63 отсто врз основа на четири принципи: транспарентност, пристапност, интегритет и ефикасност. Во анализата се нагласува дека клучни елементи кои треба да ги подобри македонскиот, но и сите парламенти во регионот, се стратешкото планирање, имплементација на етичкиот кодекс за пратениците и, особено, реален парламентарен надзор. Од Службата на Собранието, кабинетот на генералниот секретар и од Парламентарниот институт објаснуваат дека активно работат на зголемување на отвореноста, но дел од забелешките во анализата се резултат на политички одлуки, или нивно неносење, на пратениците.

Тоа е нагласено и во анализата.

„Се чини дека и покрај неколкуте иницијативи на Собранието да се ангажира за подобрување на транспарентноста, функционалноста и кредибилноста на институцијата, постојаниот општествен контекст и политичките кризи влијаат врз овие процеси, како што се, на пример, измените на Деловникот, бидејќи за неговата измена веќе подолг период не може да се постигне консензус помеѓу парламентарните партии“, заклучиле аналитичарите.

Собранието е втора по отвореност македонска институција, по Владата, која исполнува 78 отсто од индикаторите за отвореност.

„Отвореноста на Собранието на Република Северна Македонија е незначително подобрена во споредба со 2018, односно исполнува 63% од индикаторите за отвореност, што е за 5% повеќе од 2018 и 6% повеќе од 2017 година“, се наведува во анализата, во која усвојувањето на Етичкиот кодекс за однесување на пратениците се посочува како „речиси единствениот индикатор за активна транспарентност која ја придвижи активната отвореност на Собранието во последните три години“.

Како добри практики во отвореноста на Собранието анализата ги посочува редовното објавување на календарите на седницие и дневниот ред за работа, видео и стенограмските записи од пленарните седници, присуството и начинот на гласање на пратениците на пленарните сесии, контактите и биографиите на пратениците.

Меѓу замерките е необјавувањето на пратеничките плати и средствата кои тие ги побарале за надомест на патните трошоци.

Увид во трошоците на пратениците, објаснуваат во Службата на Собранието, во моментов може да се добие преку барање за пристап до информации од јавен карактер.

Поради можноста експерти и претставници на граѓанските организации да учествуваат на седници на работни тела, Собранието трета година по ред исполнува 61 отсто од индикаторите за консултативни процеси со јавноста при носењето на законите и другите политики. Но, слабост е што не постојат гаранции за учество на јавноста во овие процеси

„И понатаму останува забелешката дека Собранието треба да ја подобри отвореноста на работните тела (комисиите), со тоа што би се објавувале присуствата на пратениците на седниците, стенограмските и видео записите, како и начинот на гласање на пратениците на работните тела“, се препорачува во анализата.

– Учеството на надворешни, или независни, експерти во работата на работните тела, комисиите, е можно, но досега секогаш било предмет на судир на пратениците од власта и опозицијата. Секогаш едната страна го оспорувала кредибилитетот на надворешните лица предложени од другата страна – велат во собраниската служба.

Анализата нотира дека и самото Собрание предвидело мерки за подобрување на консултативниот процес до 2021 година: до 30 отсто учество на експерти и до 70 отсто учество на граѓаните и граѓанските организации во работните тела, акт за регулирање и план за надзорните расправи.

Во минатите три години, забележуваат аналитичарите, е намалено донесувањето закони по скратена постапка, а минатата година, невообичаено, пратениците биле предлагачи на речиси половина од донесените закони.