Македонското научно списание „Open Access Macedonian Journal of Medical Sciences“ (OAMJMS) веќе не партиципира во бесплатната архива на списанија од биомедицинските и животни науки на Националната библиотека по медицина на Националниот институт за здравство на САД (PubMed Central® – U.S. National Institutes of Health’s National Library of Medicine (NIH/NLM)), објавено е на веб-страницата на Националната библиотека по медицина. Во архивата достапна он-лајн во моментов можат да се прочитаат трудовите објавени во пет годишни томови (изданија) на ова списание, објавени во периодот од 2015 до 2019 година.

Инаку, македонското научно списание „OAMJMS“ во изминативе недели стана актуелно во странските медиуми и помеѓу меѓународната научна јавност поради објава на пет бесмислени трудови. Меѓу нив беше објавен и „научниот труд“ во кој тринаесет автори тврдат дека откриле црна дупка во срцето на Земјината топка, која влијаела врз ДНК-то на човекот.

Веднаш по бројните објави за бесмисленоста на изнесената содржина во спорните трудови, од македонското научно списание се одлучија да ги повлечат петте објавени трудови, за кои внатрешната истрага на списанието открила доволно докази дека не биле поврзани со специјалниот број на списанието, посветен на „Глобалната дерматологија“.