fbpx

Македонското население старее, училиштата се празнат

-

Негативните демографски трендови земаат сè поголем замав во нашата земја, а тоа најдобро го илустрираат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за движењето на бројот на живородените, за старосната структура на населението,  како и за бројот на ученици во основното, средното и високото образование во периодот 2009-2019 година.

Според процената на населението (состојба на 31.12.2019 година), во нашата држава има 2.076.255 жители, што е за 7.083 лица или за 0,3 отсто повеќе во однос на 2014 година и за 23.533 лица или 1,1 отсто повеќе во однос на 2009 година.

Во однос на старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во периодот од 2009 до 2019 година, учеството на младото население (0-14 години) во вкупната бројка е намалено од 17,7 отсто на 16,2 отсто, а учеството на старото население (65 и повеќе години) е зголемено од 11,6 отсто на 14,5 отсто.

Во периодот од 2009 до 2019 година, бројот на живородените е намален за 3.839 живородени деца или за 16,2 отсто.

„Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умрените лица во земјата. Бројот на умрените лица придонесе за зголемување на стапката на морталитет, која во 2019 година изнесува 9,8 умрени на 1.000 (население)“, се вели во публикацијата на ДЗС.

Во изминатава деценија се забележува и намалување на бројот на склучените бракови за 7,4 отсто и зголемување на бројот на разводите за 54,6 отсто.

Состојбите во областа на образованието не се разликуваат во зависност од степенот на образованието, односно намалување на бројот на ученици има во основното и средното образование и на студенти во високото образование.

„Така, во основното образование, од година на година се намалува бројот на влезната генерација во основното образование, како и вкупниот број ученици. Бројот на запишани ученици во основното образование во учебната 2018/2019 година е помал за 13,1 отсто во споредба со 2008/2009 година. Кај запишаните ученици во средното образование, исто така, се бележи намалување. Бројот на запишани ученици во средното образование, во учебната 2018/2019 година, во споредба со 2008/2009 година, е намален за 23,6 отсто. Бројот на запишани студенти во 2018/2019 година е намален за 15,4 отсто во споредба со 2008/2009 година“, укажуваат од ДЗС.

Веќе подолг период експертската јавност укажува дека меѓу главните причини за ваквите трендови се иселувањата на младите, кои бегаат од земјава поради лошата економска перспектива, но и во потрага по подобар квалитет на животот. Тоа го покажа и неодамнешното истражување на Центарот за истражување и креирање политики, каде мнозинство испитаници во анкетата спроведена меѓу лица на возраст од 15 до 29 години одговориле дека постојните политики за задржување на младите во државата се неефикасни.

„Клучната причина што ги поттикнува младите да размислуваат за иселување е лошиот квалитет на живот. Иако во голема мера тоа се поврзува со материјалните услови (невработеноста помалку отколку несоодветната или недоволно платената работа и лошите работни услови), сепак општествената атмосфера на политичка и економска несигурност има значајна улога, исто како и перцепцијата за лош образовен систем и постоење на дискриминација“, се вели во истражувањето.

Во него, се сугерира дека подобрувањето на квалитетот на живот преку обезбедување можности за работни места кои ќе одговараат на способностите и ќе го вреднуваат трудот на младите е суштинско за да ги натера да останат или да се вратат во државата.

„Како дел од општиот квалитет на живот, големо значење има создавањето на квалитетни и функционални системи за образование, здравство и правда“, се потенцира во публикацијата на Центарот за истражување и креирање политики.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...