„Скопје ’83“ е претстојна инди видеоигра развиена од студиото Dark-1, мала екипа со седиште во Македонија. Играта е first-person shooter (FPS) со Roguelite елементи, поставена во отворен свет што го претставува и наликува на Скопје во алтернативна реалност во 1983 година. Има визуелен стил инспириран од стрипови и комбинира елементи на преживување, истражување и кооперативна мултиплеер игра.
Играта се одвива во дистописка верзија на Скопје, трансформирано од непознат настан во град исполнет со мутанти. Средината се одликува со бруталистичка архитектура и ретро-футуристички дизајн, што ја отсликува алтернативната историја на Балканот.
Играчите го истражуваат градот користејќи мобилна база наречена ДОМ — автобус кој служи како транспортно средство, но и како центар за надградби и крафтање. Играта има roguelite структура, што значи дека секое ново играње носи различни поставености на непријатели, плен и предизвици.
„Скопје ’83“ официјално поддржува онлајн кооперативна игра, овозможувајќи им на играчите да го истражуваат градот заедно. Развиени се функции како емоутс и интерактивни елементи за подобрување на мултиплеер искуството.