fbpx

Македонските власти се најтаинствени околу парискиот бомбаш

-

Дали сирискиот државјанин Ахмед Алмухамед, за кого се претпоставува дека е еден од терористите во Париз, минал низ територијата на Македонија, е сè уште мистерија, за која молчат македонските власти.

Грција и Србија уште вчера потврдија дека лице со тој идентитет, кое се движело по т.н. балканска бегалска рута, било регистрирано од нивните служби и изнесоа точни датуми и податоци за Алмухамед.

Никаква реакција нема единствено од македонските власти, пред сè, од Министерството за внатрешни работи (МВР), кое е надлежно за регистрација на мигрантите што минуваат низ земјава и за издавање потврди за 72-часовен престој.

Во случајов има две можни сценарија: или Алмухамед бил регистриран – или не бил. Но, и за едното и за другото нема официјална потврда од МВР ниту, пак, се кажува дали француските власти побарале информации од Македонија за движењето на терористот.

Извори упатени во оваа проблематика за „Мета“ велат дека Алмухамед, најверојатно, минал низ македонска територија, но можно е воопшто да не бил регистриран бидејќи голем дел од мигрантите што влегуваат во земјава не се регистрираат поради „дупките“ на јужната граница, кои безбедносните сили тешко ги контролираат.

– Можно е тој воопшто да не бил регистриран во земјава, бидејќи голем број од мигрантите што влегуваат во земјава не се регистрираат и не добиваат потврди, а причини за тоа има две. Едната е што сите мигранти не влегуваат преку котатата 59 што ја контролираат полицијата и војската и каде се прифаќаат мигрантите што влегуваат од Грција. Напротив, влегуваат и преку Дојран и од други места и потоа се слеваат и групираат во земјава. Другата причина е што кога Грците ќе пуштат огромен број мигранти одеднаш, службите на јужната граница не им издаваат потврди на сите. Едно е кога ќе влезат 2.000 – 3.000, а друго е кога се надминува таа бројка. Ако, да речеме, Грците пуштат 5.000 луѓе одеднаш, можат да се регистрираат 50 осто од нив. Ако се околу 10.000, процентот на регистрирани мигранти е многу мал – велат за „Мета“ добро упатени извори.

Друг проблем е што во земјава не се врши дактилоскопирање (земање отпечатоци од прсти) на мигрантите, поради што не може да се изврши позитивна идентификација и да се споредат податоците, вели нашиот извор, кој додава дека таков проект бил инициран и требало да се изведе со пари од Европската унија, но од тоа не излегло ништо.

Доколку Алмухамед бил регистриран во земјава, тој податок надлежните би можеле да го најдат лесно, бидејќи грчките и српските служби излегоа со точни датуми за неговото движење во нивните земји.

Грчкиот министер за миграциона политика, вчера на прес-конференција ги покажа сите документи од регистрацијата на Алмухамед во Грција, со фотографија и со отпечатоци.

Според Музалас, тој во Грција пристигнал од Турција, на 3 октомври, со брод на кој имало уште 198 бегалци. Тој бил регистриран и идентификуван на островот Лерос, каде му биле земени отпечатоци. Добил докумет со кој му се дозволува шестемесечен престој во Грција. Неколку дена подоцна, Алмухамед стигнал на границата со Македонија, а потоа влегол во Србија. На 7 октомври, како што пишува српски „Блиц“, тој бил регистриран во Прешево, од каде продолжил кон Хрватска. Таму се задржал околу шест часа, од каде преминал во Унгарија, а потоа во Австрија.

Пасош на негово име беше пронајден до телото на еден терористите кој активираше експлозивна направа во близина на стадионот „Стад де Франс“, на кој во петокот вечерта се играше пријателскиот фудбалски натпревар меѓу тимовите на Франција и на Германија. Француските служби, инаку, сè уште проверуваат дали најдениот пасош е на терористот, дали станува збор за оригинален документ или, пак, како што пишуваат дел од светските медиуми, бил намерно подметанат од терористите за да се подгрее антагонизмот во Европа против бегалците.

Српскиот дневен весник „Политика“ пред еден месец пишуваше дека српската полиција е единствената земја на таканаречената балканска рута на движење на мигрантите, која врши дактилоскопирање на мигрантите.

„Мета“ вчера од МВР побара, но не доби одговори на прашањата: Дали француските власти побарале информација и податоци од македонското МВР за движењето на сирискиот државјанин? Дали тој поминал низ територијата на Македонија и дали има потврда за тоа? Дали МВР води регистар (база) на податоци (отпечатоци од прсти, фотографии и сл.) за мигрантите што минале низ територијата на земјава и на кои им била издадена потврда за искажана намера за барање азил? Дали се подигати мерките за безбедност на јужната и на северната граница и дали има засилени контроли при влез и при излез на мигрантите во и од Македонија?

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...