Новата песна од претстојниот албум „Плес на танком леду“ на Дарко Рундек и ЕКИПА вчера доби и своја премиера на видео–спот. Станува збор за шаманска и сонлива композиција создадена во авторска соработка меѓу Ана Ковачиќ и Дарко Рундек, препознатлива по длабочината и креативната љубопитност на двајцата уметници.

Идејата за избор на авторскиот тим произлегла по учеството на Рундек и Санда Хржиќ на уметничка работилница во 2023 година во Котли, Истра, посветена на заштитата на реките.

Меѓу делата создадени на работилницата кои минатата година беа изложени во Археолошкиот музеј во Загреб се истакнало видео дело на македонските уметници Хана Корнети, Ѓорѓе Јовановиќ, театарот „Сенки и облаци“ и Ѓорѓи Митревски.

Така, Санда Хржиќ и Дарко Рундек ги поканиле македонските уметници да го креираат новиот видео–спот. Авторите со задоволство ја прифатиле поканата, резултирајќи со визуелно дело кое ја дополнува и продлабочува атмосферата на новата песна.