Додека влогерите кои се занимаваат со мода и шминка во светот стануваат мега ѕвезди преку нивните Јутјуб видеа, имаат милиони претплатници и верни фанови, нашите блогери често се плашат да започнат свој Јутјуб канал. И покрај тоа што голем дел од публиката во нашата држава редовно следи содржини на англиски јазик, кога ќе се појави нов лик кој започнува да креира на македонски јазик, често се сретнува со потсмев.

Забележувајќи ја оваа ситуација во нашата држава, модната инстаграм блогерка Валерија Преспаноска (@valerijaprespanoska) го изрази своето двоумење на незиниот Инстаграм профил. Валерија сподели со своите следачи дека подолго време размислувала да започне да објавува видеа на својот Јутјуб канал, но од друга страна е загрижена дека во државава, трудот и креативноста воопшто не се ценат, а уште помалку храброста на личноста која се осмелува да застане пред камера и да го сподели со публиката своето знаење на одредена тема или да зборува отворено за своите недостатоци и проблеми. Потоа ги покани своите следачи да го споделат нивното мислење на оваа тема.

Одговорите од луѓето кои ја следат и поддржуваат се најчесто позитивни и охрабрувачки, но исто така има одговори кои ја потврдиле причината за двоумење на Валерија.

Глупирање и предмет за исмејување, досегашните наши искуства биле такви, но ако си решила со среќа

Во Македонија ништо не успева, на никој не му е гајле, за жал такви сме

Често се појавува и коментарот дека кога некој почнува со нов Јутјуб канал, квалитетот не е доволно добар, па затоа креаторите се предмет на исмејување.

Доколку ги гледате видеата на странските јутјубери кои денес се познати и успешни, ќе видите дека и тие на почетокот биле далеку од совршени и професионални, но со упорност и работа се постигнуваат резултати. Се согласувам дека треба да се има добра содржина, креативност и професионалност, но проблемот е што кај нас и луѓето кои вредат и пласираат квалитетни содржини, честопати се потценети

James Charles е еден од најпознатите Јутјубери со 16 милиони претплатници на Јутјуб и е одличен пример за тоа колку со текот на времето се подобрува квалитетот на видеата кои ги постирал на Јутјуб.

Валерија сепак не дозволила можните негативни реакции да ја обесхрабрат и неодамна започна да ја канализира својата креативност и преку својот Јутјуб канал на кој споделува туторијали за шминка и убавина.

Од друга страна, една од првите Македонски блогерки кои започнале Јутјуб канали на тема мода и убавина е Ксенија Деспотоска (@ksenijadespotoska) која го започнала својот канал во 2017 година. Еве што таа ни сподели на оваа тема:

– Јас кога почнав да снимам видеа на Јутјуб, не ни знаев во што се впуштам. Едноставно од толку што го сакав тоа, реков што сака нека биде, се снимав буквално како видео кое само јас ќе го гледам и само го објавив. Не можам да речам дека имало само негативни реакции, затоа што имаше доста што ме поддржаа, но најчесто тоа беа моите блиски. А потоа се соочив и со тие на кои бев предмет за исмејување. Пишуваа секакви коментри, се снимаа како ме имитираат, да не зборувам која тема на муабет сум била во нивните друштва. Но мојата љубов кон тоа што го правам беше посилна од нивниот хејт, така да сепак јас победив во таа борба.

 

Моето мислење за сите што имаат или сакаат да имаат канал е да не дозволат никој да ги обесхрабри. Луѓето се сурови и никогаш нема да ти кажат дека си добар во нешто, ама затоа ќе ти најдат милион и една грешка што ја правиш. Не знаат како е кога ќе седнеш пред камера и треба се што сакаш да кажеш, да не погрешиш да кажеш нешто на дијалект и сл. Јутјуб не е телевизија, тоа е мој канал, таму јас сум своја, јас сум Ксенија која е од Прилеп и се труди да зборува литературно, но понекогаш знае да и се испушти некое зборче на прилепски, која има трема од камера и се буни кога зборува. Но сепак Ксенија има храброст за тоа иако знае дека не е совршена. Никогаш не навредила некој, нити исмејувала некој кој се труди, напротив го поддржала секој кој почнува нешто, затоа што знае како е. Така да никогаш не се базирајте на тие негативни коментари, бидејќи додека вие напорно работите да успеете, некој што нема амбиции седи позади компјутерот и се замара со вашиот живот. Тоа доволно кажува се. Фатете се секогаш за тој еден позитивен коментар и запомнете дека со труд, посветеност и љубов ќе станат 1.000 – вели Ксенија.