fbpx

Македонските институции стануваат сè повеќе свесни за важноста на отворените податоци

-

Последниве неколку години се забележува голема и динамична промена во насока на зголемување на отвореноста на институциите, а тоа е пропратено и со зголемен интерес на јавноста за одредени теми. Македонските институции и цивилното општество стануваат сè повеќе свесни за важноста од отворање на податоците, но како што повеќе се навлегува во овој процес, така испливуваат и предизвиците со кои институциите се соочуваат при отворањето на податоците. Ова беше истакнато на панелот посветен на „Македонското патешествие“ на вториот ден од Меѓународната конференција за отворени податоци во организација на Фондацијата Метаморфозис.

Претставници на неколку државни институции и технички персонал вработен во општините зборуваа за она што досега го сработиле во поглед на техничкото опремување и транспарентноста на институциите, но и за предизвиците со кои се соочиле за време на овој процес.

Марија Петковска Лесес од Генералниот секретаријат на Владата рече дека „патишествието“ на Владата со отворените податоци започнало во 2017 година, во време кога институциите сè уште биле прилично затворени, а административците имале страв кога ги давале податоците.

Петковска Лесес истакна дека една од најважните мисии на сервисот „Отворена Влада“ и отворањето на податоците била одговорна и транспарентна влада со политики и практики целосно посветени на граѓаните. Таа додаде дека со „Отворена Влада“ бил изграден медиумски амбиент со слобода за изразување каде е овозможен пристап до информации, а институциите биле задолжени да објавуваат податоци за граѓаните да имаат увид во нивното работење. Покрај тоа, додаде Петковска Лесес, биле декласифицирани сите информации освен оние од безбедносен карактер, кои се однесуваат на безбедноста на државата.

„Сметам дека со овој процес ја заокруживме комплетната власт на сите нивоа, а одредени општини се приклучија на оваа иницијатива. Со ова за првпат во политичката историја на Република Северна Македонија Владата самоиницијативно го стави своето работење на увид на граѓаните и јавноста за првпат доби можност да го следи трошењето на средствата на граѓаните од страна на функционерите“, рече Петковска Лесес од Генералниот секретаријат.

Таа додаде дека се свесни оти отворените податоци можат да бидат силен поттик за социјален и економски развој .

„Отворањето на податоците придонесува кон зголемување на транспарентноста и одговорноста на институциите, подобрување на квалитетот на улсугите кои ги нудат и остава простор да заживеат бизнис можностите, а тоа ќе придонесе кон развој на македонското општество и нашата целокупна економија, како и за борба против корупцијата“, истакна Петковска Лесес.

Горан Давидовски од Бирото за јавни набавки истакна дека оваа институција веќе 12 години објавува огласи за јавни набавки и податоци за склучените договори, а од 2018 година јавните набавки целосно се спроведуваат по електронски пат, при што целата комуникација помеѓу државните институции и приватниот сектор се одвива преку електронски систем.

Фото: Мета.мк

„Минатата година заедно со Метаморфозис почнавме да работиме на отворање на нашите податоци во вистинска смисла на зборот и во ЦСВ формат ги извадивме податочните сетови што се однесуваат на нашата институција – буџетот, вработените, листа на сите договорни органи на ниво на цела држава, набавките поврзани со Ковид пандемијата, како и нашиот план за јавни набавки“, рече Давидовски.

Тој истакна дека се надева оти нивниот напор со отворање на податоците ќе даде бенефит и дека целата база на податоци е веќе достапна за јавноста.

Отворените податоци не се податоци кои институцијата ги дава само за јавноста, туку тоа се податоци кои имаат вредност и за самата институција. Последниве години се забележува голема промена во насока на зголемување на отвореноста на владините институции, истакна на панелот Виктор Митевски, експерт за отворени финансии.

„Ние бевме навикнати да живееме во општество на затворена работа. Ниту помислувавме, ниту имавме интерес да бараме податоци. Процесот на менување на таа култура е долг и макотрпен и треба вложување во него од страна на сите засегнати страни“, рече Митевски.

Тој додаде дека треба да се менуваат административната култура и начинот на кој се гледаат податоците.

„Во јавноста стигма е дека имаме администрација која е незаинтересирана да работи и да споделува податоци и да ги чува само за себе. Но, доколку имаме функционален систем кој ќе им даде вистинска шанса и можност на отворените податоци, сите ние ќе бидеме на иста линија кога станува збор за гледање на податоците и работа со податоците“, додаде Митевски.

Во целиот овој процес важна е и дигитализацијата на целиот систем со отворени податоци бидејќи може да ги олесни процесите на собирање, споделување и обработка на податоците.

„Ако нешто научивме од Ковид, тоа е дека веќе не постои причина да не одиме кон дигитализација на нашето општество. Потребен е соодветен ИТ кадар, со овој проблем се соочуваат сите земји од околината кои поминуваат низ овој процес, не само ние. Треба да засукаме ракави и да не зборуваме само дека имаме потреба да го привлечеме кадарот во ИТ секторот, туку да преземеме соодветни чекори како тоа да го направиме, бидејќи тој кадар што сè уште постои во структурата, и тој ќе го снема“, истакна Митевски.

Порталот „Отворени финансии“ беше истакнат како пример за транспарентна работа кој наметнува култура на отворени податоци.

На настанот беше истакната разликата при отворање на податоците од страна на институциите на централната власт и локалната самоуправа, односно општините. Марија Китанска, експерт за отворени финансии, рече дека во работата на проектот со Метаморфозис забележала препознавање на важноста на отворените финансии од страна на општините.

„На некој начин, општините имаат подомаќинско работење во поглед на обработувањето на податоците и начинот на кој ги гледаат проектите со кои сакаат да одат напред. Тие се проактивни во однос на средувањето на предизвиците или проблемите. Тие со начинот на кој што работат, сакаат податоците што ги сработиле да бидат целосно видливи. Општините како своевина ги гледаат овие отворени податоци“, истакна Китанска.

Како еден од предизвиците со кои се соочуваат општините, Китанска го наведе порталот на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

„Реално, ако тежнееме кон тоа отворените податоци да треба да бидат достапни во реално време и ако имаме податоци што се ажурираат на 3 или 6 месеци или една година, сметам дека самиот портал кој ќе биде централно место каде што се објавуваат овие податоци, треба да биде пореспонзивен“, рече Китанска.

На панелот „Македонското патешествие“ на Меѓународната конференција за отворени податоци се обратија и претставници на едни од најуспешните општини во поглед на отворање на податоците – Валандово и Демир Хисар.

Владимир Лазов кој работи како ИТ администратор во Општина Валандово рече дека отворените податоци се еден од навигаторите кои ја зголемуваат отвореноста и транспарентноста на една институција и дека процесот на отворање на податоците бил голем предизвик изминативе години.

Фото: Мета.мк

„Во 2018 година бевме рангирани на 83-то место за активно транспарентност на веб страните и бевме последни во регионот меѓу десет општини во Источниот плански регион. Според истото истражување минатата година сме рангирани на 5-то место во државата во поглед на транспарентноста, пред нас се две општини и две министерства. Притоа сме први во Источниот плански регион“, рече Лазов.

Тој додаде дека следна цел е Валандово да стане 100 проценти транспарента општина. Како најголеми предизвици во процесот на отворање на податоците Лазов ја истакна техничката подготвеност на институциите и на вработените во институциите, како и недостатокот на кадар кој сака да учи. Покрај ова, Лазов додаде дека проблем е и платата во јавната администрација која не е доволно атрактивна за ИТ лицата, кои поради ова завршуваат во приватниот или невладиниот сектор.

Во рамките на вториот ден од конференцијата, денеска се одржа и обуката „Roadmap to Open Data“ која што ја одржа Nathan Coyle, директор во New Union. Попладнето презентација на тема „Rethinking trainings and capacity building“ одржа и Cedric Lombion од Open Knowledge Foundation.

Меѓународната конференција за отворени податоци на Фондацијата Метаморфозис продолжува и утре.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...