фото. Арбнора Мемети
Фото: Арбнора Мемети

Државјаните на Република Северна Македонија кои во периодот кога ќе се спроведува пописот, од 1 до 21 април годинава, а кои живеат-престојуваат во странство, ќе можат самите да се попишат со самопопишување-саморегистрација, преку онлајн апликација. Таа ќе биде достапна на веб-страната на Државниот завод за статистика, ДЗС, во периодот од 1 март до 21 април 2021 година, соопштија од Владата.

Овие граѓани во пописот ќе влезат во категоријата под името: „вкупно нерезидентно население“. Тоа се лицата, државјани на РСМ, кои престојуваат во странство повеќе од 12 месеци, поради работа или други причини, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив.

„Услов да се самопопишат е точниот единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ). Начинот на попишувањето е во согласност со Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во РСМ 2021 година и Упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС)“, информираа од Владата.

За лицата кои живеат во РСМ, а кои за време на пописот се во странство и не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето ќе се врши во нивното последно место на живеење, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице кое може да ги даде сите потребни податоци за нив.

„За овие лица податоци дава исклучиво полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице. Давателот е должен да приложи соодветен документ од кој ќе може да се преземе ЕМБГ на лицето кое се попишува, со што ќе ја гарантира точноста на  податоците. При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци нема да ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци“, соопштија од Владата.

Додаваат дек пописот на оваа група граѓани ќе даде информации за човечкиот капитал, бројот и структурата на лицата кои заминале, нивното образование, возраст, а тие информации ќе помогнат во планирањето на нови работни места, креирање напредни младински политики и спречување на т.н „одлив на мозоци“ или заминување на високо обучени и квалификувани луѓе.