Фото jorono на Pixabay

Не е потребен ПЦР тест за државјаните на Северна Македонија што сакаат да допатуваат во Република Косово, потврди за Порталб.мк портпаролот на македонското МВР, Тони Ангеловски.

Денеска наутро во МВР стигнало известување од Владата на Косово дека државјаните на Северна Македонија треба да поседуваат ПЦР тест за да влезат во таа земја. Меѓутоа, неколку часа подоцна, косовската влада информирала дека се повлекла од одлуката.

„Да, првично нè известија дека државјаните на Република Северна Македонија што сакаат да патуваат во Косово мора да имаат ПСР тест, но, два часа подоцна рекоа дека се повлекле од таа одлука и дека нашите граѓани може слободно да допатуваат во Косово, значи без задолжителен ПЦР тест“, објасни Ангеловски за Порталб.мк.

Од македонската влада велат дека не добиле официјално известување од Косово.

„Официјално не сме информирани за нешто вакво, тоа што ние го знаеме е дека моментално, државјаните на РСМ можат да допатуваат во Косово без задолжителен ПСР тест, Владата на РСМ нема донесено одлука за реципроцитет за оваа мерка, како што се зборува по медиумите“ , изјави за Порталб.мк портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа.

Инаку, косовската Влада вчера донесе одлука со која ги задолжува граѓаните од државите коишто се меѓу земјите со „висок ризик“, да имаат ПЦР тестови не постари од 72 часа пред нивното влегување во Косово.