Во емисијата „Нашиот ден“ на Бугарското национално радио, бугарскиот новинар Костадин Филипов како гостин повикан да ја коментира ситуацијата со ЕУ амбициите на Северна Македонија во неколку наврати искажа ставови што веќе се подолго присутни во бугарскиот јавен простор.

Филипов ја коментираше изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски во емисијата „360 степени“ на 1 мај годинава. Претседателот на прашање на новинарот Васко Попетрески одговара дека ако во ЕУ не можеме да влеземе како Македонци и со македонски јазик, тогаш „не ни треба Европската Унија.

Ова е цитат од делот од изјавата што предизвика големо влијание:

„Значи, ако цената да влеземе во ЕУ е да кажеме дека не сме Македонци и кажеме дека нашиот јазик се именува некако поинаку, освен македонски јазик, не ни треба ЕУ. Чуму таква унија во која вие не можете базично човеково право…“, рече меѓу другото Пендаровски (од 16:59 во видеото).

Бугарскиот новинар Филипов во разговорот за БНР вели дека е зачуден од таа изјава.

„Изјавата на Стево Пендаровски беше дадена со малку повеќе емоција и патос отколку што целата ситуација заслужува. Зачуден сум од таквата настроеност, тој тон во кој беше изречено ова ветување. Па ако не ви треба Европската Унија, зошто тогаш засилено се кандидирате и правите сè целата процедура да почне? Мислам дека таа беше наменета повеќе за внатрешна употреба, за внатрешната пулика, која што ја загрејува за спроведувањето на предвремените парламентарни избори“, вели Филипов.

При својот коментар, за жал, Филипов занемарува неколку познати факти: Дека македонскиот јазик е кодифициран уште во 1946 година, дека од 1977 година е на листата на ОН за јазиците во светот, за што е пишувано многу пати досега.

Она што е можеби поспорно во изјавата на Филипов е што тој нераскинливо ги поврзува прифаќањето на бугарското настојување за откажување од зборот македонски јазик во официјалната комуникација со ЕУ со напредокот на преговорите и прашува „Па ако не ви треба Европската унија, зошто тогаш засилено се кандидирате и правите сè целата процедура да почне?“.

Факт е дека официјално, сите власти во Северна Македонија и сите постоечки релевантни политички партии од осамостојувањето до денес го сметаат зачленувањето на земјата во Европската унија како врвен стратешки приоритет.

Особено е важно да се напомене дека Европската унија е сојуз на држави што во своите темели го има вградено почитувањето на Универзалната декларација за човекови права на ОН, донесена на 10 декември 1948 година, која го признава правото на самоопределување.