Македонскиот филм „ХОМО“ избран за најдобар игран филм на фестивал во Англија

Фото: Скопје Филм Студио

Долгометражниот игран филм „ХОМО“ („Only Human“) во режија на Игор Иванов ја доби наградата Најдобар игран филм во официјалната програма на меѓународниот фестивал „Crossing the Screen“ во Англија, што се одржа во периодот од 28-ми јануари до 3-ти февруари оваа година во Истбрн, Источен Сасекс.

Ова е седмо фестивалско признание на филмот што ја носи приказната за апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Досега ја освои наградата за Најдобар филм на Гбек Фестивал на Игран Филм во Канада, Награда за извонредно достигнување на ИндиФест Филмски награди во САД, Бронзена Реми награда на 54. World Fest Меѓународен Филмски Фестивал Хјустон во САД, Награда за најдобра режија на Waterfront Festival Лаваса во Индија и Награда од публиката и Награда од Cineuropa на 22-то издание на Фестивалот на Европски Филм во Лече, Италија.

Својата светска премиера ја имаше во 2021 година на 51-от ГОА Меѓународен Филмски Фестивал во Индија, а до сега е прикажан и на дваесет други филмски фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Индија, Романија, Србија, Бугарија, Италија, Египет, Франција, Шпанија, Австралија.

Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор.

Сценариото за филмот е на Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук е Борис Трајанов, а монтажата е на Мартин Иванов. Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Славиша Кајевски, Мартин Манев.

Главен продуцент е Томи Салковски, а филмот е кородукција меѓу Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија). „ХОМО“ е финансиски поддржан од Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.