fbpx

Македонски тетоважи: Крстот и „смрт или слобода“ пред Груевски и Мијалков

-

Tетовирањето политички обележја, портрети од политичари или логоа на политички партии, е тренд во балканските земји. Кај нас вакви тетоважи не се многу чести, но барани се патриотските тетоважи како симболот за „смрт или слобода“, сонцето од Вергина и крстовите во сите видови и форми.

Мајсторите за тетоважи велат дека тетоважите како онаа со ликот на Сашо Мијалков, директорот на Управата за контраразузнавање и безбедност, или како онаа со ликот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не се толку чести. Пред неколку месеци, дневниот весник „Вест“ објави дека штипјанецот Ангеле Зафировски ги истетовирал ликовите на Сашо Мијалков и на неговиот син Јордан како знак на благодарност, а пред една година се појави слика од тетоважа со ликот на Никола Груевски и текст „Верни до гроб“. Вакви тетоважи со политичка конотација се „ин“ на пошироките простори.

Во сторија на „Глобал воисес“ се вели дека во поранешна Југославија најчесто се тетовирале припадниците на југословенската армија со државните симболи, слики од оружја или потрети од претседателот Јосип Броз Тито. По распаѓањето на Југославија, почнале да се тетовираат слики од други политичари, како на хрватскиот фашистички лидер Анте Павелиќ и четничкиот српски лидер Дража Михаиловиќ. Во 2009 година, хрватскиот дневен весник „Слободна Далмација“ извести дека маж од Бања Лука истетовирал слика од босанскиот политичар Милорад Додик.

Македонците, сепак, најчесто тетовираат помали тетоважи, текстови, имиња, иницијали и датуми. Похрабри под игла се девојките, а машките се одлучуваат за поголеми тетоважи на видливи места. Повеќе се тетовираат текстови отколку слики.

Најчесто барани се крстовите во сите видови и форми, а побројни се помалите отколку портретите и поголемите тетоважи.

Артистите што изработуваат тетоважи велат дека во последно време тетоважите се во подем и сè почесто луѓето се охрабруваат да застанат под игла.

МГ студио
Македонскиот кошаркар Перо Антиќ се тетовира во „МГ тату и пирсинг студио“

– Девојките се почести клиенти и тетовираат повеќе текстови, срциња, пеперутки, пердувчиња, односно помали суптилни тетоважи. Мажите тетовираат слики, портрети и религиозни тетоважи, односно нешто што е големо, воочливо што веднаш ќе падне в око. Од текстови, тетовираме љубовни и животни пораки, кои им се мотивација на луѓето – вели тату-артистот Дуле Младеноски од студио „Скин арт“.

Желба за тетоважа имаат луѓе кои се на сите возрасти. Тату-мајсторите велат дека тетовирале и деца на 16 години, кои, доколку сакаат тетоважа, мора да дојдат со родител, но и многу повозрасни луѓе. Најчести се младите кои се на возраст помеѓу 20 и 26 години.

– Пред некое време, дојде 66-годишен човек кој сакаше првпат во својот живот да се тетовира. Го истетовира името на сопругата со која бил во брак 45 години, па сакал на посебен начин да го одбележи тоа и се одлучил за тетоважа. Освен името на сопругата, ги истетовира и инцијалите на децата и на внуците – вели Александра Самара од „МГ тату и присинг студио“.

МГ студио
Логото на фудбалскиот клуб „Вардар“ е често барана тетоважа

Тату-мајсторите велат дека не би одбиле никого за тетоважа, без разлика што таа означува. Машките тетовираат слогани од навивачки тимови, претежно од странски клубови, но и логото на „Вардар“ е многу барано.
– Немаме ограничувања, не ги судиме луѓето, но им даваме совети. Тетоважата е лична работа и секој си има право на избор, а и работа си е работа. Доколку некој цврсто е убеден дека треба да истетовира нешто, тогаш за нас не е битно каква е тетоважата, туку се концетрираме на тоа како да ја изведеме – вели Александра.

На неа се надоврзува нејзинот колега Горан Миќиќ, кој вели дека досега истетовирал само лого од една политичка партија, но доколку некој побара од него да истетовира портрет на политичар, нема да го одбие.

– Баш ќе ми биде интересно и такво нешто да истетовирам. Мое мислење е дека портрети од политичари се тетовираат во другите градови низ Македонија затоа што во Скопје луѓето стравуваат дека ќе бидат осудени од таканаречената градска елита, но ние ги охрабруваме да истетовираат што сакаат и да не се грижат што другите ќе кажат – додава Горан.

Дуле од „Скин арт“ вели дека е против политика, но никогаш не се меша во изборот на тетоважи на клиентите. Во студиото каде што работи, досега не тетовирале портрет од некој актуелен политичар, но ги тетовирале ликовите на Гоце Делчев и на Никола Карев. Барани им се и крстови со иницијали на светци, кои имаат особено животно значење за луѓето што решиле да ги истетовираат.

– Сме тетовирале портрети на Гоце Делчев и на Никола Карев и симболите „смрт или слобода“, а многу често барано ни е и сонцето од Вергина. Сепак, таквите обележја беа барани порано, а сега не толку често.

С.А.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...