„Македонски телеком“ АД-Скопје ја задржа водечката позиција во фиксниот и во мобилниот сегмент во првите девет месеци од 2015 година, покажуваат неревидираните финансиски резултати на компанијата.

Приходите од продажба во првите девет месеци изнесуваат 7.853 милиони денари, што претставува намалување за 4, 3 проценти, во споредба со истиот период од 2014 година.

Добивката од редовното работење пред оданочување, на крајот од првите девет месеци изнесува 1.106 милиони денари и е намалена за 20,6 проценти, споредено со истиот период од минатата година.

Вкупната нето-добивка на крајот од првите девет месеци изнесува 965 милиони денари и е зголемена за 99 проценти во споредба со истиот период од претходната година. Капиталните инвестиции се во висина од 974 милиони денари.

„Македонски телеком“ ја одржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 61,9 проценти. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 15 проценти, споредено со истиот период лани, со бројката од 227.000 корисници, „Македонски телеком“ е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Во мобилниот сегмент, „Македонски телеком“ има водечка позиција на пазарот со удел од 47,2 проценти во согласност со интерната проценка. Базата на претплатници изнесува 1.235.000 и е зголемена за 2 проценти во однос на истиот период од минатата година, кога изнесуваше 1.210.000 претплатници.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите девет месеци од 2015 година се намалени за 11,8 проценти во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите.