Македонски „суверенисти“ на самитот на БРИКС – фасцинирани од Путин шират руска пропаганда

Македонска ера трета -суверенисти се формираше во февруари 2021 година со седиште во Битола, а нејзиниот лидер Горан Тасковски е поранешен амбасадор во Турција. Партијата на својата Фејсбук страница промовира проруски ставови и идеологија

-

На видеото објавено на Јутјуб каналот на Слободен свет, членови на партијата Македонска ера трета – суверенисти пред знамето со Сонцето од Кутлеш, воодушевено говорат за БРИКС. Притоа користат добропознати наративи кои одат во прилог на пропагандата на Кремљ, но пласираат и дезинформации со цел да ги величаат Русија и Путин, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Од 22 до 24 октомври во Казан, главниот град на Татарстан, Русија, се одржа самитот на БРИКС (BRICS – Brazil, Russia, India, China, South Africa) за кој известуваа и македонските медиуми. „Вистиномер“ веќе го анализираше огромното, речиси еуфорично внимание што дел од домашните медиуми му го посветија на самитот уште пред да почне неговото одржување, препознавајќи сигнал дека зад рускиот претседател застанала коалиција од земји кои претставуваат 45 отсто од светското население и 35 отсто од глобалната економија.

Но, она што медиумите, пред сè националните и оние со погоемо влијание, не го пренесоа, е дека на самитот на БРИКС беа присутни и Македонци. И тоа не кои било, туку добро познатите поддржувачи на Русија и на рускиот претседател Владимир ПутинГоран Тасковски од партијата Македонска ера трета – суверенисти и Владимир Трајковски од таканаречениот медиум Слободен свет, поранешен член на партијата Родина и сегашен член на Македонска ера трета – суверенисти.

Тасковски и Трајковски, како што информираа самите вклучувајќи се на Јутјуб од самитот на БРИКС, добиле покана да присуствуваат, не молеле, и се фалат дека биле единствените присутни во Казан не само од Македонија, туку и од Балканот. Што не е точно, на самитот имаше четири српски миснистри, а присуствуваше и Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина

На видеото објавено на Јутјуб каналот на Слободен свет, Тасковски и Трајковски, со знаме со Сонцето од Кутлеш ставено врз масата, со огромно воодушевување говорат за БРИКС, користејќи добропознати наративи кои одат во приог на пропагандата на Кремљ, но пласираат и дезинформации со цел да ги величаат Русија и Путин, кои Вистиномер веќе ги има дебанкирано.

Сите кога не видоа, кога го видоа нашето знаме Сонцето од Кутлеш, сите беа фасцинирани, ние сме единствени од државите присутни и како членки и како гости и апликанти да речеме што го носат своето знаме. Ни велат вие сте многу посветени, си ја сакате својата држава и што поскоро треба да бидете членки на БРИКС. Тука Македонија припаѓа. Ние овде сме Македонија, нема Северна, чистокрвни Македонци и треба да бидеме ненормални и како народ и како поединци ако ние ова не го сакаме. Нашата трговија со овие земји, пазарите, името, историјата идентитетот сè што е македонско или е проценето како што треба, а сè што ќе произведуваме ќе оди на нивните пазари без услови, така како што е. Им кажавме на некои луѓе дека за влез во ЕУ не тераа да се понижиме до степен да менуваме име, знаме, култура, историја идентитет и луѓето беа шокирани, ги информираат Тасковски и Трајковски своите следбеници.

Понатаму тие посочуваат дека доларот е веќе мртов и погребан, дека членките на БРИКС ги усогласуваат  своите платежни форми со цел да имаат усогласен начин на плаќање.

Не пропуштаат и да спомнат дека со членството во БРИКС ќе бидеме нормални луѓе, а не „од сабајле да бидеш машко, попладне женско и децата да ги учат тоа во градинките“.

Доларот не е мртов

Тврдењето на двајцата „суверенисти“ дека доларот е веќе мртов и погребан, не е точно. Имено и самиот Путин на самитот бил дециден дека земјите од БРИКС нема да го отфрлат доларот:

Рускиот претседател Владимир Путин јасно стави до знаење на самитот дека земјите од БРИКС не го отфрлаат целосно американскиот долар, туку подготвуваат алтернативи доколку пристапот до него продолжи да биде ограничен. Истражувајќи ги алтернативните валути за трговија, БРИКС настојува да ги ублажи ризиците од таквите политички меркипишува „Фајненшл експрес“.

Медиумот додава дека „валутата што ја држи претседателот Путин е макета на нацрт-законот за БРИКС на самитот во Казан што му го претставија ентузијасти, а не официјално усвоена банкнота на БРИКС“, потврдија официјални лица за „Фајненшл експрес онлајн“.

Наративот дека БРИКС ќе креира сопствена валута која ќе му конкурира на американскиот долар, се рециклира уште од 2014 година кога беше основана Новата развојна банка на БРИКС (The New Development Bank), но нема да најдете податок дека „капиталот“ на Новата развојна банка на БРИКС (The New Development Bank), изнесува 100 милијарди долари, додека капиталот на Меѓународниот монетарен фонд изнесува речиси 700 милијарди долари.

За тоа дека БРИКС нема сопствена валута, Вистиномер и претходно има пишувано.

Дали С. Македонија би профитирала од евентуално членство во БРИКС?

На прашањето колку С. Македонија би профитирала од некакво членство во групата БРИКС, исклучително значајни се податоците за стоковната размена на С. Македонија со странство, за што Вистиномер веќе пишуваше.

Според Државниот завод за статистика, С. Македонија во периодот јануари-јуни 2023 година имала севкупен извоз во странство од речиси 4,6 милијарди американски долари. Од нив, македонски стоки убедливо најмногу биле извезени во земјите-членки на ЕУ, и тоа над 3,6 милијарди американски долари. Втор најзначаен економски партнер на земјава е Западниот Балкан, при што во овој период во Косово, Србија, Црна Гора, БиХ и Албанија сме извеле стоки во вредност од околу 527 милиони американски долари.

Извозот на Македонија во земјите од групата БРИКС е симболичен и е првенствено насочен кон Кина и Русија, а многу помалку кон  Индија, Јужноафриканската Република и Бразил како најголеми членки на оваа група. Она што е најважно, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трговски суфицит, односно поголема вредност на извозот во споредба со увозот на стоки, С. Македонија остварува најмногу со земјите-членки на ЕУ и со ЕФТА (Европска асоцијација за слободна трговија во која членуваат Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн).

 

За Русија сме Северна Македонија

Наспроти тврдењето на Тасковски и Трајковски дека за Русија сме Македонија, факт е дека Руската федерација го прифати новото име на нашата земја уште во 2019 година и оттогаш ни се обраќа како Република Северна Македонија. На 19 февруари 2019 година, руската амбасада во Скопје добила белешка од Министерството за надворешни работи на владата во Скопје за новото име на државата.

Последично, Москва ја признава земја под новото име: „Република Северна Македонија”, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, пренесе Независен.

На официјалниот сајт на руската амбасада во Скопје пишува дека сме Република Македонија. Исто е и со Фејсбук и Телеграм страницата на руската амбасада во земјава – и таму пишува дека сме Северна Македонија.

Вистиномер ја има анализирано недоследноста и дволичноста на руската надворешна политика кон Македонците.

Тврдењата на Тасковски и Трајковски, пак, дека со членството во БРИКС ќе бидеме нормални луѓе, дека нема наутро да бидеме мажи, а попладне жени и дека на децата нема да им се сервираат такви работи во градинките, оди во прилог на руската пропаганда и обид да се претстави Путин како бранител на традиционалните и семејни вредности наспроти развратниот Запад.

Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина.

Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.

Повеќе на оваа тема можете да прочитате во анализата на Вистиномер.

Кои се Владимир Трајковски и Горан Тасковски

Тасковски и Трајковски доаѓаат од партијата Македонска ера трета – суверенисти, чиешто мото на последните парламентарни избори беше „Гласам за суверена Македонија“. Тасковски беше носител во Петтата изборна единица, а Трајковски ја предводеше листата во Првата изборна единица. Како носител во Третата изборна единица, партијата го постави Владо Павловпсевдоисторичар од Кочани чиишто ставови Вистиномер ги има анализирано. Партијата на изборите освои  968 гласа.

Трајковски пред да се приклучи на Македонска ера трета – суверенисти, пак, беше член на проруската партија Родина Македонија која беше извор на дезинформации за Украина уште пред започнувањето на воената инвазија од страна на Русија. Партијата „Родина Македонија“ е една од неколкуте антизападни партии што му даваат отворена поддршка на Путин за „дефашизација“ на Украина и кои повикаа на протест „НЕ ЗА РУСОФОБИЈАТА!“. Проруската „Родина Македонија“ се појави на македонската политичка сцена во текот на 2019 година, прво на социјалните мрежи, а во 2020 и како регистрирана партија, со три основни ориентации: „НЕ за Преспанскиот договор; НЕ за Европската Унија и НЕ за НАТО!“.

Во септември 2022 година почна прелевање на членството од една во друга политичка партија со проруски ставови. Имено, основачи на партијата Родина Македонија од Уставниот суд бараа заштита и можност да го остварат своето право да истапат од партијата, бидејќи, како што образложија „повеќе не се гледаат во неа, ниту пак, ја делат нејзината идеологија“. Вкупно 247 основачи на партијата, преку иницијатива поднесена од адвокатот Трајче Арсов од Велес, поднесоа барање за заштита на правото на слобода на мислата и јавно изразување на мислата, политичко здружување и дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност.

Македонска ера трета -суверенисти се формираше во февруари 2021 година со седиште во Битола, а нејзиниот лидер Горан Тасковски е поранешен амбасадор во Турција.

Партијата на својата Фејсбук страница промовира проруски ставови и идеологија.

Пишува: Ана Анастасовска

 

hubmk

МОН: Историја, географија, физика, хемија и биологија повторно ќе бидат посебни предмети

Направени се измените на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта, информираат од Министерството за...