Македонски подкасти со културно-информативни содржини за млади

Photo by Soundtrap on Unsplash

Како медиум подкастот се воведува во новиот милениум извлечен од стариот и основен начин на информирање преку аудио програми емитувани на радио. Со помош на интернетот се отвара можноста да се снимаат радио емисии чии епизоди ќе може да се слушаат каде било во светот, во кое било време. Она што го дополнува подкастот е изборот на теми од различни сфери и полиња на интерес на кои може да им се посветува една или повеќе епизоди во зависност од интересот за избраната содржина.

Во Македонија подкастот со својот медиумски и информативено-раскажувачки карактер е помалку актуелен, особено кога се зема предвид разноликоста на содржините што ги обработуваат македонските подкаст водители и организатори. И покрај овој поразувачки податок, постојат подкаст емисии кои влегуваат во неформално образование и едуцирање на младите, кои се лесни за слушање и добро изработени. Во продолжение правиме листа на предлог подкаст емисии од сферата на културата, модата, музиката и личниот став на младите во земјава.

1. Модни приказни

Фото: Официјален веб-сајт на Ирина Тошева

Проектот е во авторство на модните дизајнери Ирина Тошева и Никола Ефтимов создаден за време на карантините во 2020 година. Истиот настанал како резултат на истражувања на Тошева и Ефтимов што покажале дека во земјава нема соодветен моден информативен медиум или платформа за модна едукација и доближување на

знаењата за модата во различните дисциплини кон сите. Целта на подкастот е да прерасне во поголема платформа што ќе поттикнува желба и интерес за модни дизајнери, едукатори и истражувачи да споделуваат свои авторски текстови, да креираат модно-едукативни  содржини, но и да се развива свеста и проширува знаењето кај модно освестената публика во земјава.

Подкастот е во интерпретација на „Самоглас“ – првата платформа за аудио книги на македонски јазик. Достапен е на платформата Spotify и на веб-сајтот на Тошева.

2. Pandamonium Radio Show

Фото: Инстаграм профил на Pandamonium Radio Show

„Подкаст за музика и култура во кој се обработуваат нови албуми и хип-хоп класици и се зборува за актуелни теми и случувања со различни гости“, пишува на профилот на

Spotify каде се достапни епизодите. Емисиите се во интерпретација на Дарко Андонов или Irie Scratch и Трајче Митев, познат како Tactivity. За сите љубители на музика од различни жанрови, хип-хоп култура, фестивалски настани кои сакаат да се информираат за актуелни нови изданија, албуми, песни, EP на забавен начин и со едночасовно дружење, Pandamonium е вистинскиот подкаст. Irie и Tactivity даваат свои мислења кои се усогласуваат, но и често се косат во врска со музиката што ја слушаат.
Секоја епизода изнудува нов албум или плејлиста, па подкастот е одличнен начин да се дојде до нова музика. Емисиите се достапни и на Јутјуб на овој ЛИНК.

3. Култура Бета подкаст

Фото: Веб-сајт на Култура Бета

Станува збор за неформално младинско здружение за креативно и културно изразување за сите млади кои имаат идеи за развој на културата надвор од културните институции формирано од млади. На нивниот подкаст може да ги преслушате нивните неделни колумни со социјални, културни и инспиративни теми произлезени од актуелните настани, но и теми за сѐ она со кое се соочува секој средношколец, студент и млад човек денес. Покрај тоа, во емисиите е присутен и аудио расказ на дел од нивните кратки раскази и поезија, како и избор на музички плејлисти. Сите аудио верзии на Култура Бета се достапни ТУКА.

4. Радио МОФ подкаст

Веб-сајт на Радио МОФ

Радио МОФ има пет подкасти, „Што е муабетот со…“, „Мегафон“, „Јасно и гласно“, „Јас сум Цако“ и „Ура за културата“, а моментално во развој се уште шест различни подкасти кои досега ги имаат објавено само своите пилот епизоди. Од тука го

извлекуваме „Јасно и гласно“ чии епизоди се посветени на проблемите кои ги засегаат младите, но и на предизвиците со кои тие се соочуваат во својата област. Емисијата „Ура за културата“ има 4 епизоди во кои говорници се музичари, уметници, организатори на културни манифестации. Сите подкасти се достапни на официјалната страна на Радио МОФ.

Радио МОФ во октомври минатата година отвори повик за снимање подкаст на кој можеше да се пријави секој заинтересиран, што им дава слобода на младите за уште еден начин на креативно изразување.

5. Будење ТВ Студио

Веб-сајт на Сакала Магазин

Скала Магазин е студентска платфрома за дизјан и современа уметност што промовира млади уметници и креативци и ги следи и поддржува настаните на културната сцена. Платформата е резултат на соработка помеѓу студентите, менторскиот кадар и менаџментот на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, со поддршка од Институтот за дизајн и технологија (ИДТ Скопје). Скала може да с енајде во печатено и дигитално издание од кое дел е и новиот серијал на аудио епизоди, Будење ТВ Студио во интерпретација на Дејан Џолев. Во емисијата досега гостувале важни имиња, дејци и креативци како Синоличка Трпкова и Тамара Котевска. Сите се достапни за слушање ТУКА.

6. Гласот на жените претприемачи

Подкастот доаѓа од разговори со успешни жени претприемачи во земјава кои од млада возраст започнале да размислуваат за формирање на свој бизнис. Сите приказни на сите кои се дел од емисијата се различни и на различен начин го раскажуваат својот пат кон достигнување на она со кое се занимаваат денес. Емисијата е дел од Националната платформа за женско претприемништво, поддржана од Европската Унија. Сите епизоди се достапни на овој ЛИНК.

Подкастот е форма на изразување на лични ставови, поттик за размислување и дискусија, интелектуален разговор, лично мислење или раскажана приказна и секојдневен дијалог. Во форма на аудио емисии, истите може да се слушаат додека се работи било што или додека не се прави ништо, а притоа се впиваат и меморираат податоци што овозможува на слушателот да биде во тек со новите актуелни случувања и трендови, но и да се информира во сферата на сопствените интереси.