Реонскиот суд Ќустендил досуди по 3 месеци затвор – условно за три години, како и глоба од 100 лева (околу 48 евра) на двајца македонски пчелари оти незаконски влегле на територијата на Бугарија.

Според соопштението на веб-страницата на судот Горан Х (39) и Милан М. (62) на пат кон селото Селник и местото каде што биле поставени нивните сандаци со пчели, „без дозвола и не на определените места за тоа“ навлегле на територијата на Бугарија.

Вестa за пресудата ја објави и државната бугарска новинска агенција БТА, но малку ги помеша фактите – прво, му додаде 10 години возраст на Горан Х., а селото Селник, кое е во Делчевско, го смести во непостоечката „македонска општина“ Царево.

Во петокот обајцата сега казнети, тргнале со автомобил од Скопје за селото Селник, делчевско, каде имале сандаци со пчели. Тие во еден миг решиле да тргнат кон селото Киселица на македонска територија, но бидејќи патот бил непрооден, отишле по друг пат и навлегле на бугарска територија, во близина на 81-от граничен камен, на околу 800 метри од маалото Мишуглиска во бугарското село Ветрен, при што биле фатени од бугарските гранични полицајци.

Реонскиот суд Ќустендил пресудата ја изрекол по постигнат договор меѓу Реонското обвинителство Ќустендил и адвокатите на обвинетите.

Инаку, овој случај раѓа потсетување на кравата Пенка, која пред повеќе од година и половина го сврте вниманието на балканската и европската јавност откако поради „незаконски влез на територијата на ЕУ без документи“, за малку ќе беше погубена во Бугарија.

Пенка, имено одлутала од стадото близу бугарското село Мазарачево во мај 2018 година и влегла на територијата на Србија, а откако две недели подоцна се вратила самата на територијата на Бугарија, била „фатена“ од властите, кои сакаа да ја погубат поради прекршување на правилата за влез на животни на територијата на ЕУ без соодветни документи за здравствената состојба.

По бран протести на социјалните мрежи, Бугарија „ја помилува“ Пенка, односно беше одредено дека е здрава, па не мора да биде успиена.