Фото: Министерство за здравство

Стопанска комора информира дека во тек е вакцинација против Ковид-19 на бизнис-заедницата, акција која ја спроведуваат заедно со Стопанската комора на Србија, а во рамките на Коморскиот инвестициски форум. Вакцинацијата се одвива во спортската сала „Чаир“ во Ниш, Србија.

„Се вакцинираат вработени од Комората, како и вработени од компаниите членки на Комората чии работни места се од висок ризик од пандемијата и единствено на овој начин ќе продолжат непречено да работат, да го задржат нивото на економска активност и да ѝ помогнат на државата и економијата во борбата против пандемијата,“ соопштуваат од Стопанска комора.

Од таму изразија благодарност до Министерството за внатрешни работи за брзото постапување по барањето на Стопанската комора за пуштање на повеќе ленти за возила на граничниот премин Табановце, со цел брз проток на патници.

Инаку, викендов голем број на граѓани се упатија кон Белград за да се вакцинираат на белградски Саем, каде што има државјани од БиХ. Утринава се создаде гужва на граничниот премин Табановце, поради што граѓаните чекале околу еден час.

Засега нема официјална бројка колку точно македонски граѓани ќе се вакцинираат во Србија викендов.