Пумпи за дезинфекција под висок притисок, пумпи за дезинфекција на помали површини и друга заштитна опрема доби Армијата како донација од Обединетото Кралство за справување со пандемијата. Ова е само дел од вкупната помош што Македонија ја добива од сојузниците од НАТО.

„Сојузништво на дело! Денеска државниот секретар Драган Николиќ ја прими британската донација од заштитни ракавици и повеќе видови пумпи на висок притисок и рачни пумпи за дезинфекција. Армијата се грижи за граѓаните, ние се грижиме за безбедноста и заштитата на нашите војници“, објави Министерството за одбрана.

Британска донацијаДенешната донација вчера ја најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по видео-состанокот со британската амбасадорка Рејчел Галовеј, на кој разговарале за состојбата со пандемијата на корона вирусот во Македонија и мерките кои ги презема државата и, особено, Армијата.

„Денес ги соединуваме силите преку солидарност. Британската амбасада-Скопје донираше опрема за Министерството за одбрана во поддршка на нивните активности во борба со избувнувањето на корона вирусот во Северна Македонија. Важно е да бидеме заедно во овие тешки времиња“, објави Амбасадата.

Како членка на НАТО, Македонија на 30 март испратила список на медицинска опрема и материјали кои и се неопходни до НАТО Евро-Атлантскиот Центар за координација на одговор на несреќи. Центарот е тело на Алијансата кое ги координира потребите на едни членки со можностите, ресурсите или вишокот расположива опрема и материјали на други членки за да им помогне на земјите кои имаат потреба од ресурси. По координација преку телата на НАТО, како помош во справување со пандемијата, Чешка испрати заштитни одела во Шпанија и Италија, Луксембург итно набави теренска болница, Романија со специјален лет итно увезе 100.000 заштитни одела од Јужна Кореа…

Министрите за надворешни работи на НАТО земјите го овластија Врховниот командант на сојузничките сили да ги координира сите напори за сузбивање на пандемијата, да ги координира потребите и ресурсите и да користи специјални процедури, т.н. „брзи линии“ низ восдушниот простор со кои авионите на НАТО со медицинска опрема ќе имаат приоритет на прелет и ќе летаат по најкратките рути.