Македонската репрезентација е двократен светски шампион во Кантерстрајк

Фотографија од Македонска е-спорт федерација
Фотографија од Македонска е-спорт федерација

Втор пат по ред, македонската репрезентација во Кантерстрајк (CS:GO) победи на светскиот турнир кој го организираше Меѓународната е-спорт федерација во Бали, Индонезија од 7 до 11 декември. Во финалето нашите претставници ја победија Монголија со 3:1.

„Северна Македонија се CS:GO шампиони“, објавија од Меѓународната е-спорт федерација на Твитер.

Ова е секако голема радост и поттик за сите гејмери во земјава и инспирација за помладите генерации. Нашите играчи беа толку добри што на претходните натпреварувања дури беа обвинувани дека хакираат што подоцна по официјалните проверки се испостави дека не е така. 

Целото патешествие на нашата репрезентација на турнирот во Индонезија може да се види на Фејсбук профилот на Македонската е-спорт федерација, додека видеата од самите игри може да се погледнат на Твич.