Поезија од вкупно 16 македонски автори, беше презентирана во Галеријата на Столичната библиотека во Софија, а во исто време уште и во 12 други бугарски градови, во рамките на шестата „Европска ноќ на литературата“.
Љубителите на поетската реч можеа да ги слушаат стиховите на Славе Ѓорго Димоски, Ристо Јачев, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Анте Поповски, Радован Павловски, Лилјана Дирјан, Никола Маџиров и други.
Презентација ја организираше Културно-инфомативниот центар на Република Македонија во Софија, а меѓу гостите беше присутен и македонскиот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
– Ме радува што оваа година имаме уште повеќе посетители и што овој настан привлекува и млада публика. За годинашното претставување избравме лирска поезија од македонски поети од различни генерации. Имаме и атрактивен простор – Столичната библиотека, која е на фреквентна локација. Задоволен сум од соработката со другите странски партнери во проектот, а особено добра соработка имаме со Чешкиот културен центар, кој е лидер на проектот „Европска ноќ на литературата“ во Софија – рече Васко Шутаров, директор на КИЦ на Република Македонија во Софија.