
Третото издание на годишниот ИТ настан Глобал Ејжур Скопје (Global Azure Skopје), одржано минатиот викенд, помина во знакот на поддршка на семејствата на жртвите од трагичниот пожар во Кочани.
Настанот секоја година го организираат програмери организирани во рамки на македонската ИТ про корисничка група (Macedonian IT Pro User Group) и македонската дотнет заедница (Macedonian .NET Community) како дел од светската иницијатива посветена на технологиите Microsoft Azure, која секој мај се одржува во повеќе од 100 градови низ целиот свет.
Во Скопје, оваа година организаторот одлучи настанот да вклучува хуманитарена димензија, со цел да се помогне на погодените од неодамнешната трагедија во Кочани. Настанот започна со едноминутно молчење за жртвите на трагичниот пожар во Кочани, по што македонската ИТ заедница се мобилизира, иницирајќи кампањата за собирање донации, која е активна до 18 мај 2025 година.
До четврток, 15 мај, преку иницијативата се собрани над 101.000 денари, а организаторите ја канат целата јавност да се придружи со доброволни прилози.
Сите собрани средства ќе бидат пренасочени кон иницијативата SupportKocani, која ќе обезбеди дека помошта ќе стигне до оние на кои им е најпотребна.
„Ги повикуваме сите кои се во можност да се придружат на нашата иницијатива и да донираат за настраданите семејства од Кочани“, во име на организаторите изјави Димитар Грозданов, кој укажа дека е цел да се искористи нивната платформа за да се направи позитивна промена во заедницата.
Во рамки на техничкиот дел на настанот, посетителите имаа можност да проследат вкупно 6 сесии на македонски јазик во амфитеатарот на InnoX иновативниот центар. Предавањата беа фокусирани на најновите достигнувања во Microsoft Azure сервисите и нивната примена во бизнис и технолошки решенија.
Д-р Миодраг Цекиќ, уште еден член на заедницата, потсети на LinkedIn дека „Кочани останува постојан шепот во нашите мисли“ и дека можноста за донирање преку системот ЕCrowd.mk останува отворена до крајот на неделата, повикувајќи ги сите добронамерни луѓе да се придружат.