Има нови генерации истражувачи од странство за кои македонистиката е и ќе биде научен предизвик. Со своите презентирани истражувања, тие укажаа дека странската македонистичка научна мисла има големи перспективи. Ова беше заклучокот од Меѓународната научна конференција која се одржуваше изминатите денови во Охрид, во организација на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Истражувачи од Кина, Австралија, Шведска, Турција, Австрија, Франција, Полска, Чешка, Унгарија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, како и од истражувачи од нашата земја, едногласно порачаа дека македонскиот збор и натаму ќе одекнува низ светот. Со нови лингвистички, книжевни и културолошки анализи на делата на Крсте Мисирков и Ацо Шопов, кои веќе ќе бидат референци во меѓународната академска средина“, наведено е во соопштението од организаторите.
Паралелно со конференцијата се одвивала и работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, преку сесии за кои биле пријавени околу 70 нови научни трудови.
„Централните теми на конференцијата, како што беше и најавено беа делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов, по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов“, наведено е во соопштението.
Покрај новите проучувања за јазикот на поезијата на Шопов, на конференцијата, преку одделни истражувања, имало и навраќање кон некои негови подзаборавени дела, како и кон дела на кои досега не им било посветено научно истражување.
„Преку живи дискусии и расправи околу неговата поезија, препевите на неговата поезија на други јазици и неговите препеви на југословенски и светски автори на македонски јазик, на Конференцијата, во научните расправи и се оствари обид за научно коригирање на некои претходни залучоци, и клучно – за првпат се презентираа некои проучувања за материјали за Шопов и од странските книжевни архиви“, се додава во соопштението.