Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваа на работна средба со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија во Македонија, организирана од страна на амбасадорот на Република Бугарија во земјава, Иван Великов Петков. Тема на состанокот беа политичките состојби околу евроинтегративните процеси во Република Македонија, а во контекст на пораките и заклучоците од софискиот Самит посветен на Западниот Балкан.

Османи рече дека Република Македонија, изминатава година, во целост била посветена на евроатланската агенда, успешно имплементирајќи го притоа планот „3-6-9“, со што, како што рече, повторно се вратила довербата како на граѓаните, така и на меѓународните партнери во европската перспектива на земјата.

-Нашиот фокус останува реформската агенда, и наскоро излегуваме со нов План 18, со кој ќе ги адресираме сите потребни реформи кои произлегуваат од Извештајот на Комисијата, водечките иницијативи на Стратегијата, заклучоците од софискиот самит, но и сите останати релевантни извештаи кои се во насока на евроатланските процеси – изјави Османи, додавајќи дека Македонија на дело ја демонстрирала својата сериозност и зрелост која очекува да резултира со одлука на Европскиот Совет во јуни за почеток на пристапните преговори, како и покана за НАТО, подоцна на Самитот во јули.

Димитров потенцираше дека дојдено е времето Република Македонија заслужно да го започне европското патување.

– Следните недели се од особена важност за Евро-интегративните перспективи на Македонија. Се наоѓаме пред одлучувачки момент кој траба да ја признае способноста на земјата да се справи со најголемата политичко-чувствителна ситуација во последните 15 години. Дополнително, постои јасна потреба да се демонстрира сојузништво и заеднички да се построиме во вистинскиот правец – изјави Димитров.

Тој повика силните пораки за поддршка да се стават во пракса.

– Република Македонија демонстрираше искрен пристап и сериозност за која е потребна соодветна валоризација на јунскиот состанок на Европскиот совет преку одлука за почеток на преговори, како и покана за членство во НАТО на самитот во јули – додаде Димитров.