fbpx

Македонија за една година падна 24 места на индексот на корупција

-

Македонија за една година падна 24 места подолу на глобалниот индекс на перцепција на корупцијата (ИПК) на „Транспаренси интернешнел“ (ТИ) и на мерењето за 2016 година е на 90. место, додека на индексот за 2015 година била на 66. позиција.

Тоа е и најголемиот пад што земјава го забележила почнувајќи од 2012 година, кога е воведена сегашната методологија на рангирање за ИПК.

Падот од 24 позиции на листата на 176 држави и територии од целиот свет за нивото на перцепција на корупцијата во јавниот сектор, според д-р Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнел – Македонија“, се должи на политиката на клиентелизам и интереси спроведувана од Владата на Република Македонија, со што е создаден систем на заробена држава која ја оневозможува борбата со корупцијата и ги штити корумпираните.

– Владата на Република Македониjа, која повеќе години водеше политика заснована на клиентелизам и на интереси, не само што ги занемаруваше сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата, туку со воспоставувањето на системот на заробена држава го оневозможи работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата. На овој начин се создаде силно изразен систем на заштита на корумпираните и систем во кој наспроти правото, владеат интереси – вели Тасева.

Индекс корупција 2016 - прес на Транспаренси интернешнл Македонија 25012017
Индексот го презентираше Дона Димов, истражувач на Транспаренси Интернешнл – Македонија

„Транспаренси интернешнел – Македонија“, која денеска го презентираше ИПК за 2016 година, подготви и ранг-листа за регионот, кој ги опфаќа земјите на поранешната територија на СФРЈ плус Бугарија, на кој Македонија е претпоследна. Полоша е состојбата само во Косово, кое е на 95. место, додека Босна и Херцеговина е 7 места повисоко од нас  – на 83. позиција.

Но, состојбата не е алармантна само во поглед на регионот. Со ИПК за 2016 година, Македонија е 9. на листата на земји со најголем пад на рангот, односно имаме ист пад, од 24 места, со Суринам, а полошо поминале Тајланд, Белорусија, Мексико, Тринидад и Тобаго…

За една година, Македонија во поглед на поените според кои се врши рангирањето, бележи пад од пет поени, односно ако во 2015 година добила 42 поени, за една година оценката е намалена и во 2016 година добила 37 поени.

– Резултатот заснован на седум нови истражувања, укажува на тоа дека корупцијата е согледана како сериозен проблем за развој на економијата, за владеење на правото, за странски инвестиции и за стабилна демократија. Тоа создава недоворба на граѓаните во капацитетите на државата и во институциите. Недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие кое треба да се искорени, а синџирот на корумпираност во високите ешалони на сите власти да се прекине. Тоа е одговорност на претседателот на државата, на новоизбраните пратеници, на тие што ќе формираат влада, на вработените во институциите и во судството. Тоа е одговорност и на граѓаните, кои ги охрабрувам да ѝ се спротистават и да ја оневозможат корупцијата во име на иднината – порачува претседателка на „Транспаренси интернешнел – Македонија“.

На годинашната листа, Данска и Нов Зеланд со 90 поени се на првото место, а по нив следат Финска (89) и Шведска (88). Иако ниту една земја не е без корупција, државите кои се на врвот делат карактеристики како отворена влада, слобода на медиумите, граѓански слободи и независни судски системи, велат од ТИ, појаснувајќи дека годинава поголем е бројот на земји што паднале на листата, отколку на тие што се искачиле.

Индексот на перцепција на корупцијата претставува збир на податоци од голем број различни извори кои ги претставуваат перцепциите на бизнисмените и на експертите во однос на нивото на корупција во јавниот сектор во земјите. При рангирањето на Македонија, обработувани се податоците од извештаите што ТИ ги добила од фондацијата „Бертелсман ТИ“, Светскиот економски форум, Светскиот проект за правда РОЛ, „Интелиџенс јунит“ на „Економист“, „Глобал инсајт“, „Фридом хаус“ и проектот „Веритис оф демокраси“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.