Извор на фотографија: Фејсбук профил на Фудбалската федерација на Македонија

Македонската фудбалска репрезентација утре од 18 часот ќе го одигра последниот натпревар на Европското првенство во фудбал. Капитенот Горан Пандев веќе најави дека утрешниот натпревар против Холандија ќе биде неговиот последен за репрезентацијата.

„Да, одлучив дека утрешниот натпревар ќе биде последен во дресот на македонската репрезентација. Мислам дека ова е прав момент да се повлечам. Им посакувам на соиграчите пласман на Мундијалот во Катар. Среќен сум што сум дел од оваа репрезентација која испиша историја. Едвај го чекаме натпреварот против Холандија во обид да направиме, оствариме позитивен резултат“, изјави Горан Пандев.

Селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски на денешната прес-конференција рече дека утрешниот натпревар ќе биде посебен, бидејќи и неговиот договор со националниот тим завршува.

„Можам само да речам едно големо благодарам за господинот Пандев. Среќен сум што работев со таков човек и фудбалер. Благодарност до сите фудбалери, знаете каде бевме пред пет-шест години и каде сме сега. За иднината не би сакал да зборувам, ќе го одработам договорот професионално како што најавив“, рече селекторот Ангеловски.

Македонската фудбалска репрезентација постигна историски успех со пласманот на Европското првенство во фудбал, иако во досегашните натпревари против Австрија и Украина доживеа два порази. Утрешниот натпревар против Холандија е шанса за македонските фудбалери да го изненадат противникот кој е фаворит на хартија и да ги освојат првите бодови на едно европско првенство во фудбал за нашата репрезентација.

Утрешниот натпревар во Амстердам ќе го суди романскиот арбитер Иштван Ковач.