Македонија 12 места подолу на индексот на перцепција на корупцијата

88-то место Северна Македонија го дели во друштво со Казахстан, Суринам и Виетнам

фото: Принтскрин / Транспаренси Интернешнл (transparency.org)

Со 40 поени од вкупно 100, Северна Македонија годинава се најде на 88. место од 180 земји според најновиот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл (ТИ).

На скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 најмалку корумпирана, земјава падна за два поена, но и за дванаесет места во споредба со извештајот за 2023 година.

88-то место Северна Македонија го дели во друштво со Казахстан, Суринам и Виетнам.

фото: Принтскрин / Транспаренси Интернешнл (transparency.org)

Овие негативни резултати се последица на големиот број на скандали кои се случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители, вели Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија.

„Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и 40-те препораки на оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори се само дел од скандалите кои го тресеа судството. Минатата година имавме и докажан случај на корупција од еден врховен судија, разрешување на кривичен судија од Кавадаречкиот суд кој се слушнал со обвинет на кого му судел дури 97 пати за неколку дена и уште неколку случаи кои се само загребување на површината на судството во кое граѓаните немаат доверба“, вели Пандовски.

Според него, слична е состојбата и во обвинителството кое „не е ажурно во гонењето на високата корупција, и не ги процесуира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата, а и самото беше предмет на скандали со докажан случај на корупција на еден поранешен член на советот на јавни обвинители“.

„Ваквата слика се потврди и со последниот Национален систем за интегритет кој ТИ- Македонија го објави во јануари 2024 година, каде обвинителството и судството беа ниско оценети во нивната улога во борбата против корупцијата. Првиот чекор од долгиот пат во борбата против корупцијата е нејзината казнивост и генералната превенција која казнивоста ја има во општеството. Се додека ова не се постигне не можеме да очекуваме позитивни резултати на индексот на перцепција на корупцијата“, вели Пандовски.

Од земјите во Западен Балкан, највисоко рангирана е Црна Гора, која се најде на 65 место со 46 поени. Следува Косово, на 73 место со 44 поени.

Искачување за 18 места бележи Албанија која годинава се најде на 80 место со 42 поени.

Зад нас се Србија на 105 позиција со резултат 35 и Босна и Херцеговина на 114 место со 33 поени.

Фото: Инфографик за Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл 2025, Креирано: Марио Спасевски, МЕТА.МК

Од земјите во регионот, највисоко рангирана и годинава е Словенија, на 36-тото место, потоа Грција на 59-то место и Хрватска на 63-то место. Бугарија бележи пад од 9 места во споредба со минатата година и годинава се наоѓа на 76 место.

Два од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото се силно испреплетени: корупцијата и климатската криза, стои во Извештајот на Транспаренси Интернешнл. Додека милијарди луѓе ширум светот се соочуваат со секојдневните последици од климатските промени, ресурсите за адаптација и ублажување остануваат страшно несоодветни. Корупцијата ги интензивира овие предизвици, претставувајќи дополнителни закани за ранливите заедници.

„Недостатокот на соодветна транспарентност и механизми за одговорност го зголемува ризикот дека средствата за климата може да бидат злоупотребени или проневерени. Уште повеќе, климатската корупција може да има форма на несоодветно влијание врз носителите на одлуки преку загадувачките индустрии и политичарите кои имаат конфликт на интереси бидејќи поседуваат акции во нафтени и гасни компании или работат за нив“, се вели во Извештајот на ТИ.

„Овие фактори го попречија усвојувањето на амбициозните политики и мерки потребни за справување со климатските промени, фаворизирајќи ги интересите на тесните групи пред општото добро. Корупциската криза е огромна пречка за решавање на климатската криза“, додаваат од таму.

Повеќе од две третини од земјите годинава постигнале резултати под средната точка на Индексот на перцепција на корупцијата.

На врвот на листата, со најмалку корупција, и годинава се Данска (90 од 100 поени), Финска (88 од 100 поени) и Сингапур (84 од 100 поени).

Земјите со најниски резултати, пак, најчесто се кревки и погодени од конфликт, а меѓу нив се Јужен Судан (8 поени), Сомалија (9), Венецуела (10), Сирија (12), Либија (13), Еритреја (13), Јемен (13) и Екваторијална Гвинеја (13).