fbpx

Македонија треба да ги интензивира своите активности во насока на дигитализацијата, оценува Европската Комисија

-

Кога станува збор за дигиталната трансформација Република Северна Македонија ја чека еден долг пат. Иако земјата направи реформи во оваа насока, сè уште ја чека уште многу работа. Ова беше констатирано во Последниот Извештај за 2022 година за напредокот во евроинтеграциите. Извештајот ги истакнува недостатоците каде земјата треба повеќе да работи, како и точките во кои е постигнат напредок. Во продолжение Порталб.мк ви носи еден преглед на тоа што пишува во овој извештај за дигитализацијата.

Делот за дигитализацијата е опфатен во третата кластер-група, поконкретно во десеттото поглавје. Во извештајот се наведува дека, генерално, Северна Македонија е умерено подготвена во повеќето области опфатени со оваа група. Сепак, потребни се повеќе напори, особено во областите каде што е постигнат ограничен напредок, како што е дигиталната трансформација.

Во извештајот се наведува дека зголемувањето на бројот на електронски услуги што им се нудат на граѓаните и бизнисите е незначително.

Сепак, во извештајот се наведува дека минатогодишните препораки се делумно адресирани, па затоа следната година земјава треба да:

  • ја финализира и одобри долгорочната стратегија за информатичка и комуникациска технологија;
  • го усогласи националното законодавство со Европскиот кодекс за електронски комуникации;
  • продолжи со напорите за усогласување на националното законодавство со Директивата на ЕУ за безбедност на мрежите и информациските системи и пакетот на алатки 5G;

Во извештајот се истакнува дека пандемијата со „Ковид-19“ покажа дека дигитализацијата на услугите мора да оди рака под рака со поголеми напори за едукација и олеснување на пристапот до овие технологии за ранливите групи на кои често им недостасуваат дигитални вештини.

Па така се нагласува дека треба да се развие и усвои стратегијата за развој на дигиталните вештини и референтната рамка за дигитална писменост во целото општество. Подобрувањето на дигиталната писменост е приоритет во рамките на стратегијата за образование за да се обезбеди дигитална трансформација преку еден меѓусекторски пристап.

„Опсегот на дигитални услуги достапни на националниот портал за е-услуги со целосна електронска интеракција не е многу зголемен. Генерално, владиниот пристап кон поедноставување на деловното опкружување не е доволно систематски и конзистентен. Забележано е подобрување на националниот електронски портал за услуги. Во 2021 година бројот на корисници и услуги регистрирани на е-порталот малку се зголемил, но мора да се преземат понатамошни чекори. Употребата на системот за интероперабилност сè уште оди тешко поради недостатокот на комуникациски софтвер во многу институции, како и поради немањето волја за целосно искористување на неговите можности“, се наведува во извештајот.

Сè уште има институции кои не ги имаат дигитализирано своите регистри, што го намалува квалитетот на административните податоци. Размената на административни податоци треба да се прошири и поедностави за поконзистентно да се користи во процесот на донесување на одлуки.

Според извештајот, Министерството за информатичко општество и администрација, кое е одговорно за процесот, треба да ги зајакне своите капацитети за вршење на поефективна и одржлива контрола на квалитетот.

„Министерството за информатичко општество и администрација мора да ги зајакне своите капацитети за промовирање на дигиталната трансформација. Се уште е присутна загриженоста за независноста на регулаторот за електронски комуникации. Законот за електронски комуникации треба да се усогласи со acquis на ЕУ. Регулаторното тело ги одобри подзаконските акти за имплементација на измените во Законот за електронски комуникации, со кои се предвидуваат нови надлежности на регулаторот во однос на издавањето претходно безбедносно одобрение за инсталирање на 5G опрема од страна на телекомуникациските оператори“, се нагласува во извештајот.

Во извештајот се нотира дека Предлог-законот за безбедност на мрежите и информациските системи се уште не е усвоен.

„Северна Македонија сè уште не го усогласила своето национално законодавство со Регулативата на ЕУ за електронска идентификација и доверливи услуги за електронски трансакции во внатрешниот пазар (регулатива eIDAS). Што се однесува до дигиталната трансформација, се уште не е усвоена долгорочната стратегија на информатичко-комуникациската технологија (2021-2026) “, се вели во извештајот.

За модернизирање и дигитализирање на јавниот сектор потребен е поголем напор и подобра соработка меѓу институциите. Квалитетот на податоците во регистарот на населението треба да се подобрува и континуирано да се потврдува со други регистри.

Според извештајот потребно е дополнително усогласување со acquis на ЕУ од 2019 година за користење на дигиталните алатки.

„Во текот на извештајниот период, Северна Македонија продолжи успешно да учествува во Дигиталната агенда за Западен Балкан и целосно го имплементира Регионалниот договор за роаминг придобивајќи од регионалната зона без роаминг од јули 2021 година. Имплементација на националниот оперативен план за интернетот 2019- 2023 година повторно беше одложена. Се забрза имплементацијата на националната стратегија за сајбер безбедноста 2018-2022 година и со тоа во земјата и официјално беше воведен европскиот број за итни случаи 112“, стои во извештајот.

Меѓутоа, се нагласува дека комуникацијата меѓу итните служби се уште не е соодветна и човечките ресурси се уште се недоволни.

Во извештајот се наведува дека Советот за дигитализација во правосудството ја интензивирал работата за имплементација на ИТ стратегијата. Пет пилот судови добија ИТ опрема обезбедена од странски донатори. Регрутирањето на дополнителен ИТ кадар зависи од обезбедувањето на работни услови кои се конкурентни со оние во приватниот сектор.

Според извештајот дигитализацијата на економијата напредува, но конкурентноста на домашните бизниси може да се подобри преку поширока понуда на јавни електронски услуги. .

„Во однос на е-трговијата, Народната банка извести за 61% пораст на онлајн трансакциите од страна на граѓаните во првата половина на 2021 година. Во однос на статистичките перформанси и дигиталната конкуренција, собирањето податоци врз основа на индикаторите на Економскиот индекс и Дигиталното општество ( DESI) се проценува дека е достапно и целосно усогласно до 87%“, оценува извештајот.

Извештајот заклучува дека континуираната помош од страна на ЕУ ја унапредила дигиталната трансформација на земјата, воведувајќи скоро 70 од првите целосно автоматизирани електронски јавни услуги за граѓаните и бизнисите и продолжува да ги поддржува реформите во областа на владеењето на правото, јавната администрација и јавните финансии. Следната година земјата треба да ги забрза реформите во областа на дигиталните врски.

Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот пат кон евроинтеграциите беше објавен на 12 октомври пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Целиот извештај можете да го прочитате: ТУКА.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...