Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата за пристапување на Република Северна Македонија кон програмата Дигитална Европа – Digital Europe (DIGITAL), подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација, информираат од владината прес-служба.

„Програмата DIGITAL, претставува нова програма на Европската Унија насочена кон приближување на дигиталните технологии кон бизнисите, граѓаните и јавната администрација, како клучни чекори кон унапредување на живеењето и работењето, особено кога пандемијата со КОВИД-19 ни покажа колку е важен развојот и познавањето на технологијата, како и колку е важно Европа да не зависи од системи и решенија кои доаѓаат од други региони во светот“, се наведува во владиното соопштение.

Програмата DIGITAL обезбедува стратешко финансирање, поддржувајќи проекти во пет клучни области: суперкомпјутери, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, напредни дигитални вештини и обезбедување широка употреба на дигитални технологии низ економијата и општеството, вклучително и преку дигиталните иновациски хабови.

Целта е да го забрза економското закрепнување и да ја обликува дигиталната трансформација на европското општество и економија, носејќи придобивки за сите, особено за малите и средни претпријатија.

Членки во програмата се сите ЕУ-земји, дополнително, членки се и сите земји од Европската Економска Заедница, а постои можност и за покажување интерес и членство и на земји-кандидати, како и на земјите од програмите за добрососедство.

Со усвојување на оваа информација, Владата го започнува процесот на преговори со Европската комисија за учество во програмата DIGITAL.

„Ова ќе обезбеди можности за финансирање на проектите кај сите компании, институции и граѓански организации кои ќе аплицираат со проекти за дигитализација на повиците во рамки на Програмата“, информираат од Владата на РСМ.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here