Македонија потпиша Меморандум со САД за унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас. Договорот е дел од стратешкиот дијалог со САД, што ги опфаќа најважните области за развој – енергетика, економија, безбедност и технологија.
Меморандумот го потпиша министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау и ќе се однесува на диверзификација на изворите и рутите за снабдување со природен гас, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, обезбедување стабилен, сигурен и достапен гас за државата, јакнење на регионалната поврзаност и интеграција на пазарите.
„Заеднички став е дека постои јасен потенцијал за интензивирање на соработката, со фокус на проекти кои ќе донесат конкретни резултати и ќе придонесат за економски развој и енергетска сигурност на двете земји. Документот предвидува и конкретни чекори за развој на инфраструктурата, подобрување на транспарентноста на пазарите на гас, со што се отвора можност за користење на јавни и приватни финансиски инструменти, вклучително и поддршка од меѓународни финансиски институции и извозни кредитни агенции. Фокусот на разговорите е јасен – енергетска безбедност, економска соработка и конкретни проекти што носат стабилност, инвестиции и развој“, велат од Министерството.
Ден претходно Божиновска оствари билатерална средба во Белата куќа, со Џарод Аген, заменик-советник на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД. На средбата беа разменети ставови за унапредување на двостраната соработка во енергетскиот сектор, а искуството на Аген и неговото познавање на глобалните енергетски текови претставуваат важна основа за развој на идни партнерства и проекти.
